Приходи од продажби
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари-декември 2025 година продажбите достигнуваат 13.837.976.447 денари, што е за 3 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 20.899.116.085 денари, што е за 10 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Продажби според региони
Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 20 отсто во споредба со минатата година. Како докажан партнер на јавното здравство, компанијата активно учествува во обезбедувањето најсовремени ретки и специфични терапии преку застапување на производите на светски реномирани фармацевтски производители, обезбедувајќи значајна поддршка за здравствениот систем во земјава. Иако профитабилноста на овие програми е ограничена, тие значително го зголемуваат учеството на домашниот пазар во вкупните консолидирани продажби. Од вкупните консолидирани продажби, 35 отсто се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 65 отсто се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 27 отсто, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР…) се остварени 19 отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 18 отсто, а на другите пазари е остварен 1 отсто од вкупните консолидирани продажби.
Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени во Шведска и Австрија, каде што се зголемени четири пати, потоа во Холандија, каде што се зголемени трипати, како и во Јужна Африка и Казахстан каде што продажбите се зголемени двапати. Потоа следуваат оние во Финска (раст од 53 отсто), Ирска (раст од 35 отсто), во Португалија (раст од 32 отсто), Грција (раст од 23 отсто), Ерменија (раст од 22 отсто), Полска (раст од 18 отсто), во Германија (раст од 14 отсто) итн.
Продажби според групи производи
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 91 отсто. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 23 отсто, препаратите ОТЦ со 18 отсто, невролошките препарати со 12 отсто, кардиолошките препарати со 11 отсто од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 9 отсто во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 отсто, козметика со 6 отсто, а билкарство учествува со 1 отсто. Вкупните продажби бележат пораст од 11 отсто кај сегментот фармација, додека во сегментот хемија, козметика и билкарство се на исто ниво во споредба со остварените во истиот период од 2024 година.
Инвестиции
Во согласност со долгорочната развојна стратегија, односно со 20-годишниот инвестициски развоен план, во последните неколку години се изградени нов погон за производство на полуцврсти фармацевтски форми, нов погон за пакување лекови, нов магацински простор за складирање суровини, како и нов погон за производство на цврсти форми (фармацевтски препарати), најзначајната инвестициска активност. Во таа насока, а со цел соодветно зголемување на капацитетите и во контрола на квалитетот – фармација, во 2025 беше пуштена во употреба новата микробиолошка лабораторија за контрола на квалитетот, која има капацитет да изведува околу 20.000 различни микробиолошки анализи годишно, a во неа работи 21 високостручно лице.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари-декември 2025 година изнесуваат 1.112.882 илјади денари.
Резултати од работењето
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 3.393.013.158 денари, бележи зголемување од околу 18 отсто, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 1.984.231.174 денари и е зголемена за 17 отсто.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 3.594.356.875 денари и бележи раст од 20 отсто, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 1.795.766.435 денари е зголемена за 7 отсто.
Одговорност кон локалната заедницата
Во рамките на својот континуиран придонес кон заедницата, АЛКАЛОИД АД Скопје заедно со капитално поврзаните друштва лоцирани во земјата во 2025 година оствари значајни економски влијанија преку редовна исплата на даноци и други давачки кон државата во износ од 1.965.720 илјади денари, вложувања во своите вработени во износ од 2.119.678 илјади денари, исплата на дивиденда во износ од 784.441 илјади денари, поддршка преку донации, спонзорства и стипендирање во износ над 226.953 илјади денари, како и соработки со над 1.950 домашни доставувачи со остварен промет од 3.231.879 илјади денари. Овие показатели ја потврдуваат долгогодишната ориентација на компанијата кон одговорно работење, стабилен развој и силна поддршка на домашната економија и пошироката заедница.
Вработени
Во периодот јануари-декември 2025 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 54 нови вработувања во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2025 година е одобрен и исплатен регрес во висина од 44.500 денари нето-износ за користење годишен одмор за вработените во компанијата. Групацијата АЛКАЛОИД има 3.018 вработени, од кои 2.234 се во земјава, а 784 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство.
Податоци за акциите
Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидни акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари-декември 2025 година се движеше од 24.000,00 до 31.099,00 денари или просечно 27.468,23 денари за една акција, што претставува раст од 22,76 отсто во споредба со просечната цена на акцијата во истиот период од 2024 година. Движењето на цената на акцијата е во рамките на трендот на просечниот годишен раст и се должи на редовното и транспарентно објавување позитивни резултати од работењето на компанијата, позитивното јавно мислење, на довербата во нашите производи, управувањето со друштвото и на генералниот тренд на движење на глобалните и на регионалните берзи. На 31.12.2025 година, акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 6.464 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 35,8 милијарди денари.
На 1 април 2025 година, на Годишното собрание на акционерите, се одобрени пресметка и исплата на бруто-дивиденда за 2024 година во износ од 901.752 илјади денари. Во согласност со дивидендниот календар, во мај 2025 година започна исплатата на дивидендата во износ од 630 денари бруто, односно 567 денари нето за една акција. Дивидендата од акција за 2024 година е поголема за 16,67 отсто во однос на исплатената дивиденда од акција за 2023 година.
Бизнис-план за 2026 година
Бизнис-планот за 2026 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на 29.12.2025 година, предвидува инвестирање на околу 8 отсто од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 7 отсто на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2025 година, како и раст од 7 отсто на консолидираниот профит во однос на 2025 година.
Бизнис-планот за 2026 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2026 година, а со тоа и остварените резултати може да варираат во однос на прикажаните во бизнис-планот.
Очекувања за претстојниот период
Трендот на работење во отежнати економски услови, кои беа актуелни во изминатите неколку години, продолжи и во 2025 година. Доминантни предизвици беа инфлацијата и порастот на каматните стапки, кои, сепак, според сите очекувања, би требало да влезат во зоната на стагнација, а можеби и на благо опаѓање. Секако, глобалните безбедносни кризи ги отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста, што секогаш може да влијае и врз цените на енергентите, да создаде тешкотии во синџирите на испораки, но и да влијае врз достапноста на одредени материјали. Дополнително, потенцијалниот ризик од глобална трговска војна може да предизвика нови покачувања на цените на суровините и да доведе до зголемени трошоци во работењето. Внимателно го следиме развојот на настаните и преземаме мерки за ублажување на овие потенцијални ефекти.
Очекуваме во 2026 година да продолжиме по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од нашите тековни инвестиции во нови производствени капацитети и опрема и од вложувањата во развојно-истражувачки проекти, на тој начин создавајќи конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите. За остварување на овие цели ќе продолжиме и со нови вработувања во земјава, но и на странските пазари, притоа континуирано вложувајќи во подигнувањето и во усовршувањето на нивото на знаења и вештини на нашите вработени и во градењето таленти.

































