„Газпром“ минатата година во Европа доставил 190.000 милиони кубни метри гас, во вредност од 37 милијарди долари

Средбата што неодамна ја остварија претседателот на САД, Доналд Трамп, и претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, не ветуваше многу, но начелно се постигна договор со кој ќе се настојува да се „елиминираат царините“. Ова треба да се практикува за стока што не е од автомобилската индустрија, а во замена ЕУ ќе треба да увезува поголемо количество течен природен гас од САД.

Извозот на течен природен гас од САД во 2017 година достигна 89,703 милиони кубни метри, што е најголем рекорд во вредност од 11,21 милијарди долари.

Притоа, американската Управа за енергетска информација, исто така наведе дека првпат по 60 години извозот од САД е поголем од увозот, со што и САД станаа нето-извозници на природен гас. САД извезуваа природен гас во 28 земји во 2017 година, а Европа од нив увезла само 2,066 милиони кубни метри.

ЕУ купува 30 отсто од потребниот гас од Русија. Според официјалните бројки, компанијата „Газпром“ минатата година во Европа доставила 190.000 милиони кубни метри, во вредност од 37 милијарди долари.

Во јули, Доналд Трамп ја нападна Германија за поддршката на гасоводот „Северен тек 2“ со кој директно ќе се поврзе земјата со Русија, заобиколувајќи со гасоводот на Украина. Ова, според упатените, ќе му овозможи на Кремљ да изврши политички притисок врз Источна и Централна Европа со исклучување на испораките на гас, а истовремено ќе го минимизира влијанието врз профитабилниот западноевропски пазар.
Како што пишува „Блумберг“, Русија тежнее кон тоа, извозот на природен гас кон Европа да достигне рекордно ниво во 2018 година. Најголемиот снабдувач на ЕУ, „Газпром“ веќе излезе со став дека неговите досегашни испораки за годинава сигнализираат дека ги постигнува своите амбиции да се прошири.

„Гаспром“ покрива над една третина од побарувачката на Европа за природен гас, најголемиот и најпрофитабилен пазар во Русија што вреди околу 37 милијарди долари годишно. Иако пратениците на Европската Унија тежнеат да обезбедат повеќе извори на гас за Унијата, поради што се прошируваат пристаништата за да се справат со течни резервоари за природен гас од САД.

– Производството се очекува да се искачи високо, со што САД ќе станат потенцијален врвен производител на ЛНГ кон средината на 2020 година – велат од Меѓународната агенција за енергија.

„Газпром“, пак, ги обвини САД за политизирање на своите економски интереси во ЕУ преку Законот за санкции, кој беше насочен кон проекти за гасоводот. Руските раководители досега ги отфрлија заканите од сериозна конкуренција во Европа.
– Иако побарувачката на гас во ЕУ зависи од времето и економскиот раст, најверојатно ќе се зголеми следната година, додека домашното производство паѓа, а цените на јагленот ќе закрепнат, со што увозот на „Газпром“ ќе биде поконкурентен. Русија има најголем потенцијал за задоволување на дополнителната побарувачка – кажа заменик-извршниот директор на „Газпром“, Александар Медведев.

Тој посочил дека Европа може да преземе поголем увоз на ЛНГ, особено кога побарувачката го надминува капацитетот на снабдувачите на гасоводот. Во Британија увозот на гасоводот е близу највисоките нивоа и има малку простор за складирање за да му даде флексибилност на системот.

– Латинска Америка и Азија досега остануваат приоритетни пазари за суперладниот гас, особено од САД, поради високите цени таму. Ова важи и за традиционалните и за новите пазари – Кина, Индија, Пакистан, Бангладеш, Виетнам – рече Медведев. Тој посочи дека глобален пазар за ПНГ сè уште не постои. Според неговото објаснување, има само три големи регионални пазари, Америка, Европа и Азија – со голема разлика во цените. Додавајќи дека азиските цени ќе останат како сегашните поради растот на побарувачката.