Фото: Маја Јаневска-Илиева

Иако германските компании во земјава сметаат дека актуелната деловна состојба им е полоша во споредба со изминатите години и не очекуваат никакви промени во однос на извозот, сепак речиси 70 проценти од нив повторно би инвестирале тука, покажува најновата анкета на Делегацијата на германското стопанство. Патем, членовите на Македонско-германското стопанско здружение повторно укажаа на проблеми со владеењето на правото и на политички проблеми во земјава.
Дури 59 отсто од големите германски инвеститори ја оцениле како лоша работата на актуелната влада во анкетата. Само 2 отсто од компаниите ја оцениле како добра работата на Владата, а како најголем ризик (61 процент) се наведува недостигот од стручна работна сила во земјата. Дури 31 отсто одговориле дека не би инвестирале повторно, што е најголем процент од 2012-та досега. Најлоша оцена има борбата против корупцијата и криминалот.

– Оваа година анкетата се спроведе во периодот од 1 март до 14 април. Резултатите не беа премногу изненадувачки, македонското стопанство е загрижено поради последиците што ги предизвика пандемијата. Членовите на Македонско-германското стопанско здружение посочија на проблеми што се однесуваат на владеењето на правото, како и на политички проблеми – објави Здружението.
Очекувањата што ги имаат стопанствениците во однос на извозот се исто така полоши во споредба со 2019 година. Само 34 проценти од нив претпоставуваат дека извозот на нивните добра и услуги ќе се развие подобро во споредба со претходните години.
– Како директор на Делегацијата на германското стопанство, во соработка со германската амбасада во Скопје, ќе продолжиме да водиме дијалог со македонската влада за подобрување на овие рамковни услови во земјата. Речиси 70 отсто од инвеститорите што веќе инвестирале, повторно би го сториле истото тоа во Северна Македонија. Ова е солидна основа, од која може понатаму да се развиваат германско-македонските стопански односи – велат оттаму. К.М.