Фото: Маја Јаневска-Илиева

Намалувањето на потрошувачката во малопродажбата се прелева и во другите сектори, што, според упатените, е очекувана последица на здравствено-економската криза, но она што е најважно, според нив, е како сето тоа можело да се предвиди и да се настапи со однапред подготвени одговори

Намалените приходи, стравот од неизвесноста, чувањето средства за непредвидливи ситуации, рестриктивните мерки за заштита на јавното здравје, се дел од причините што резултираа со значително намалување на прометот на трговијата на мало. Во согласност со податоците што неодамна ги објави Државниот завод за статистика, во трговијата на мало во декември 2020 година, во споредба со декември 2019 година, е забележано намалување на прометот во категоријата Трговија на мало со храна, пијалаци и тутун номинално за 6,6 отсто, а реално за 10 проценти. Намалување има и во категоријата Трговија на мало со непрехранбени продукти, освен гориво, реално за 16 отсто, потоа во Трговијата на мало, освен трговија со горива, за 13,2 проценти и во Трговијата на мало со автомобилски горива номинално за 25,8 отсто, а реално за 16,2 проценти.
Кои се причините и како намалувањето на потрошувачката на мало ќе се одрази понатаму врз економските текови разговаравме со универзитетски професор и со бизнисмени, кои истакнуваат дека овие податоци се резултат на повеќе фактори што влијаат врз потрошувачката кај граѓаните и дополнуваат дека сосема е очекувано ваквата економска криза да предизвика длабоки промени во навиките на граѓаните.
– Врз намалувањето на потрошувачката влијаат повеќе елементи, од една страна имаме намален број сограѓани што живеат и работат во странство а кои се вратиле изминатиов период во нашата земја. Токму нивните финансии беа извор на раст на потрошувачката во нашава земја долги години, но сега, поради ограничените околности во кои се вратија, поради пандемијата, тие не се во можност да трошат како минатите години. Од една страна се рестриктивните мерки, забраната за работа на кафеаните, но и избегнувањето да се посетуваат роднини и пријатели исто така влијае врз намалената потрошувачка. Но кон ова придонесуваат и намалените приходи, стравот од болеста и намалувањето на движењето и дружењето меѓу луѓето – вели Мендерес Кучи, претседател на собранието на Стопанската комора на Северозападна Македонија.

Тој очекува подобрување на состојбата со намалување на бројките на заболени граѓани и со намалување на рестриктивните мерки и посочува дека мерките не треба да влијаат и да ги плашат граѓаните, бидејќи истите тие се преземаат за да се намали бројот на заболени, што, според него, веќе е постигнато.
Сепак, Кучи укажува дека во економијата сѐ е поврзано и оти сосема е очекувано намалувањето во еден сектор да се прелее и во потрошувачката во друг сектор.
– Намалувањето на еден сектор ќе се рефлектира и во друг сектор, па тој во трет и така натаму. И во нашата компанија се чувствува намалување на побарувачката, намалување на приходите, луѓето помалку се интересираат и купуваат, едноставно се внимателни, чуваат за не дај боже ситуација, поради неизвесноста што е насекаде околу нас – посочува Кучи.
Универзитетскиот професор Ванчо Узунов истакнува дека во вакви ситуации сосема е очекувано да има промени во навиките на граѓаните, но за да се утврдат точните причини, потребни се подетални анализи.

Тој истакнува дека повеќе фактори влијаеле врз намалувањето на потрошувачката, од една страна се намалени приходите на дел од граѓаните, додека од друга страна е намалено трошењето и кај граѓаните што ги задржале своите приходи на исто ниво, поради промени во навиките. Но она што е побитно, според него, е како сето тоа можело да се предвиди и да се настапи со однапред подготвени одговори.
– Вештината на бизнисмените е да предвидат како ќе се променат навиките кај граѓаните, подготвени тоа да го дочекаат со својата понуда. Најмногу ќе успеат оние што ќе успеат први да препознаат што им треба на граѓаните, кои ќе бидат нивните преференции, за да одговорат со соодветни производи и тоа да го искористат во своја полза. Тој што е прв ќе биде најуспешен. Факт е дека условите постојано се променливи, некогаш побавно, некогаш побрзо, а токму на бизнисмените е обврската први да ги видат промените, да најдат своја понуда и на тој начин да ги освојуваат пазарите – посочува Узунов.