Преку појаснување на мерките, како и прилагодување на истите согласно потребите и барања, владата ќе излезе во пресрет на угостителите, беше заклучено на денешниот состанок на министерката за финансии – Нина Ангеловска, министерот за економија – Крешник Бектеши и претставници на кластерите за угостителство при стопанските комори.

Министерката за финансии, Ангеловска, рече дека се отворени за брза комуникација, да ги објаснат, но и прилагодат мерките за да се излезе во пресрет на барањата на реалниот сектор.

Таа посочи дека се направени промени во уредбата за мерката плата 14.500 денари по вработен за мали и микро претпријатија со која се овозможува сопственикот и управителот ако се вработени во фирмата да можат да аплицираат за мерката. Исто така, покрај овој услов, беше променет и условот два месеца наместо четири, да се задржи истиот број на вработени по користење на истата.

– Дополнителна дилема која ја расчистивме е за кои работници може да се користи оваа мерка. Мерката може да се користи од секоја компанија која има пад од повеќе од 30% од приходите за сите работници кои имаат плата под 39.900 денари и кои користат активни ослободувања од придонеси и персонален данок, односно за работодавачи кои користат целосно ослободување од придонеси од проектите „Македонија вработува 1 и 2“ . Не се работи за мерката за покачување на платите која беше лансирана минатата година. Ако ја искористиле мерката за субвенционитрање на придонеси за покачување плата тоа може да ја користи и оваа мерка – рече Ангеловска.

Таа најави дека Развојната банка наскоро ќе ја пушти втората кредитна линија од 8 милиони евра и кредитите ќе изнесуваат 90.000 евра согласно бројот на вработени. Истата ќе биде отворена за трите погодени сектори, но и за сите останати сектори погодени од кризата.

Министерот Бектеши информираше дека Министерството за економија веќе има обезбедено средства за директна поддршка на туристичко-угостителскиот сектор преку Фондот за туризам кој веќе е основан, но ќе биде активен по завршување на кризата, односно во периодот на закрепнување.

„Тој ќе биде насочен за директна поддршка на туристичкиот сектор и во моментов се обезбедени 95 милиони евра, средства кои е предвидено да се зголемат во наредниот период во согласност со штетите кои ќе ги претпрпат овие компании. В понеделник очекуваме дополнителни предлози и насоки од туристичко-угистителскиот сектор за тоа во која насока е најлесно да се користат мерките од нивна страна кои ќе бидат разгледани во вторник на состанокот на Координативното тело по што ако има потреба ќе бидат донесени дополнителни мерки“ истакна Бектеши.

– Во делот на новите уредби кои ги донесе Владата покажаа позитивен чекор за некои од работите кои ние ги укажувавме и е добар чекор и се надевам дека ќе продолжи така соработката и понатаму. Ни фалеше ваков конструктивен дијалог. Ќе се потрудиме да ги пренесеме нашите мерки најдобро што можеме и сакам да нагласам дека приматот го ставаме на како да ги задржиме нашите вработени и како да добиеме најмногу средства за нив – рече Мартин Ангеловски, претставник на угостителскиот сектор.


Предлозите на угостителите слушнати, се чека решение

Претставниците на туристичко угостителскиот сектор до понеделник треба да ги достават сите нивни предлози за начинот на поддршка од државата, но и за користењето на Фондот за туризам преку кој сега се на располагање 95 милиони денари. Веќе се размислува и за мерките со кои би се вратиле повторно во нормално работење за кое постои размислување да биде за неполн месец.

На средбата министрите за финансии и економија заедно со стопански комори од секторот кои се дел од координативното тело за превенција од можни штети од корона вирусот, дискутираа за нејаснотиите околу постојните мерки и им беа претставени измените на условите за користење на поддршката со новите владини уредби, а за кои што имаше реакции од угостителите изминатиот период.

Мартин Ангеловски од Групацијата на угостители во Туристичко угостителската комора, истакна дека состанокот беше конструктивен со позитивен дијалог и се разговараше за сите нови мерки и за нивните предлози што сакаат да ги достават.

– Во делот за новите мерки, односно уредби што ги донесе Владата, покажаа позитивен чекор за некои од работите што ние ги укажувавме и се надеваме дека ќе продолжи ваквата соработка. Ќе се потрудиме да ги пренесеме најдобро што можеме нашите мерки. На прво место во сите мерки што ги разговара угостителскиот сектор приматот го става на тоа како да ги задржиме нашите работници и како да добиеме најмногу средства за нив. Ние гледаме да направиме се што можеме како угостители за целиот овој процес да оди во позитивен правец. Има уште многу работи да се договорат, но како што кажав се надеваме дека ова ќе биде еден добар позитивен тренд – изјави Ангеловски.

Дополнително ќе ги анализираат измените на уредбите, а од Министерството за финансии побараа толкување за повикувањето на законот за постапувањето при виша сила. Даден е и предлог во контекст на нивните примарни барања да се добие минимална бруто плата за вработените во секторот.