Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, учествуваше на годишниот состанок на Одборот на Центарот за извонредност во финансиите (ЦЕФ). На состанокот што се одржа виртуелно беше усвоен Стратегискиот план на ЦЕФ за периодот 2022-2026 година. Со планот се дефинираат клучните предизвици на земјите во регионот во постпандемискиот период и поддршката што ќе ја обезбедува ЦЕФ во овој период заради натамошно јакнење на институциите во регионот.

Во рамките на состанокот, гувернерката Ангеловска-Бежоска ја потврди определбата за натамошна вклученост на Народната банка во активностите на ЦЕФ, што следува по оцената од ЦЕФ дека нашата централна банка се издвојува како одличен пример во регионот, со своите постојани вложувања во знаењата, вештините и потенцијалите на своите вработени, што, според нив, е показател на доброто корпоративно управување на институцијата. Народната банка искажа подготвеност за повторно пренесување на своите искуства во процесот на постојана едукација на кадарот на финансиските институции од регионот, давајќи со тоа одличен пример за успешна соработка.

Вклученоста во активностите на ЦЕФ е уште една потврда на заложбите за постојано јакнење на институционалните капацитети на Народната банка, преку унапредување на знаењата и вештините на вработените. Но во исто време е и потврда на заложбите на нашата централна банка за активно пренесување на искуствата и експертските видувања на другите централнобанкарски институции од регионот, што е и дополнителен придонес за унапредување не само на меѓународната соработка туку и на централнобанкарските активности на регионално ниво.