Фото: Маја Јаневска-Илиева

Подобрување на перформансите на севкупното стопанство е еден од предизвиците на македонската економија. Колку зголемувањето на вредноста на производите што се произведуваат во нашата земја може да придонесе за подобри економски резултати и во кои сектори со поголема обработка може да се зголеми вредноста на продуктите?

Изминатава година ја обележи корона-кризата, која наметна големи тешкотии во работата на компаниите, но, сепак, одредени сектори покажуваат добри резултати и покрај проблемите, а други и пораст на извозот. Еден од секторите што забележаа пораст на извозот минатата година беше преработувачката индустрија на овошје и зеленчук. Подобри резултатите имаа и компании што инвестирале во посовремена технологија, или пак компании што инвестирале во промоција.

Подобрување на перформансите

Во насока на подобрување на перформансите на севкупното стопанство, разговаравме со економисти и бизнис-претставници како да се стигне до поголем извоз или како до поголема заработка. Дали со зголемување на вредноста на производите што се произведуваат во нашата земја може да очекуваме подобри економски резултати и во кои сектори може со поголема обработка да се зголеми вредноста на продуктите?
– Вашето прашање цели на многу комплексна тема во врска со дефинирање индустриска стратегија и соодветна државна интервенција. Потребно е да се надмине конвенционалното размислување дека поддршката треба да е насочена кон специфични сектори. Сите индустрии во принцип имаат карактеристики што би креирале кластери, групи на фирми вертикално поврзани во вредносните синџири. Што значи, поддршката треба да биде насочена кон одредени активности, на пример одреден тип технологија што отвора можности за искористување на економиите на обем и потенцијалите за агломерација. Државната поддршка треба да биде насочена кон „откривање“ на активностите што би биле профитабилни да се вршат во земјата и обезбедување услови за креирање кластери (на пример, поврзување на странските со домашните компании). Мерките за подобрување на инфраструктурата, зголемувањето на нивото на човечки капитал и технолошки развој и институционалната ефикасност се само неколку од низата интервенции што треба да ги направи државата за да овозможи поголема конкурентност на компаниите на домашните и странските пазари на долг рок – вели Бојан Србиноски од „Фајненс тинк“.

Има простор за унапредување

Претседателот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, истакнува дека во домашното стопанство речиси во сите области има можности и простор да се унапредува производството и додава дека со подобра технолошка обработка ќе се зголеми вредноста на производите.
– Недостига иновативност со која секое производство може да добие поголема вредност. Многу е важно да се направат истражување на пазарот, што сакаат потрошувачите, да се испита каква амбалажа би привлекла повеќе муштерии. Ако може да се увезуваат на пример разни видови пива, може и нашите да се извезуваат или да понудиме различни типови пиво за различни муштерии. Еве, како пример ќе ги земеме производителите на преработки на овошје и зеленчук, кои успеаја да обезбедат пазари и да извезуваат 90 отсто од своето производство, додека во текстилната индустрија не успеавме да направиме препознатлив бренд, иако имаме долга историја во земјава во оваа област. Не се вложуваат пари во добар маркетинг, а треба да се посвети солидно внимание на маркетингот, на промоцијата, како на домашниот пазар, така и на пазарите каде што сакаме да ги извезуваме – посочува Бошков.
Тој истакна дека иако во нашата земја не се креирани препознатливи светски брендови, сепак тоа не значи дека не треба да го приспособуваме производството, па дури и да се инвестира во земји каде што некои домашни производи се застапени и успешно се продаваат.

Речиси сите земјоделски продукти може да се извезуваат со додадена вредност

Македонија важи за земја со голем потенцијал за одгледување квалитетни земјоделски продукти. Упатените укажуваат дека потенцијалите за извоз на преработките на земјоделските култури се големи, а со државна поддршка може да се поттикне инвестирањето во преработувачки капацитети со кои ќе бидат опфатени земјоделски продукти.
– Речиси сите земјоделски продукти што се произведуваат во нашата земја би можеле да добијат додадена вредност преку разни доработки. Кога некој производ е финален, неговата цена е повисока, а ова важи и за земјоделските продукти, кои со преработка се повреднувани и носат поголема бенефиција како за производителот, така и за државата. Кога имаме само примарно производство, како на пример од градинарските култури, ако се продаваат свежи, заработката е еднократна, но кога истите тие ќе бидат преработени во финални производи, ќе ја зголемат вредноста, а ќе добијат и на трајност. Такви примери се разни видови ајвари, туршии, џемови, доматни сосови… Со вакво производство, и за трговецот заработката е поголема, а со дополнителна преработка на земјоделските продукти се ангажира поголем број луѓе во работните процеси, се отвораат нови работни места, со што бенефиција има и државата – објаснува професорот Илија Каров од Факултетот за земјоделски науки Штип.
Според него, речиси во сите земјоделски сектори има можност за преработка на производите, а со неа се овозможува голема бенефиција за производи што не се отпорни на транспорт и чиј рок на траење е краток.
– За да се стимулира преработувачката индустрија, да се поттикне повеќе да се инвестира во вакви проекти, сметам дека може да се најдат мерки за стимулација како што има кај примарното производство, преку разни субвенции. Доколку има повеќе преработувачки капацитети, тогаш ќе има и поголем откуп на производството, не мора да се бараат пазари за извоз на свежи продукти, кои кратко траат, туку ќе се бараат пазари за финални продукти со поголема вредност – дополнува Каров.

Потенцијалот е во млечната, винската, месната и мелничката индустрија

Поголеми потенцијали за развој и создавање додадена вредност на земјоделските продукти од Комората гледаат во млечната, винската, месната и мелничката индустрија, посочувајќи дека во овој сегмент има недостиг од домашни продукти.
– Бизнис-заедницата го гледа извозниот потенцијал во млечната, винската, месната и мелничката индустрија. Приоритети во земјоделството треба да бидат окрупнувањето на земјиштето, промената на методологијата на субвенционирањето и унапредувањето на органското производство и на руралниот развој. Корона-кризата ја нагласи и потребата од стабилен систем на храна, кој функционира во секакви околности и кој е во состојба да обезбеди до потрошувачите доволно и континуирано снабдување по достапни цени – велат претставниците на Стопанската комора на Македонија.