Добри земјоделски практики, придонес за одржливо земјоделство (1)

Проф. д-р Борис Анакиев

Концептот добра земјоделска практика (ДЗП) се разви во врска со брзите промени и глобализацијата во земјоделството и прехранбената индустрија, а како резултат на одговорноста и работата на низа заинтересирани субјекти за производство на здравствено безбедна храна и за безбедно, стабилно земјоделство и зачувување на животната средина. Заинтересираните субјекти се владите, прехранбената индустрија и пазарот на мало, фармерите и потрошувачите, кои настојуваат да ги постигнат целите за безбедна и квалитетна храна, за ефективно производство на храна на населението и за заштита на животната средина, на среднорочен и долгорочен план. Добрата земјоделска практика предлага начини за постигнување на тие цели.

На поширок план ДЗП применува расположливи знаења за решавање на проблемите сврзани со еколошката, економската и социјалната одржливост на земјоделството и производствените процеси за да се осигурат безбедна и квалитетна храна и земјоделски суровини. Многу земјоделци во развиените и во земјите во развој веќе ги применуваат добрите земјоделски практики преку одржливи земјоделски мерки, како што се: интегрирана растителна заштита, интегрирано управување во производството на храна и заштита на животната средина со таканаречено штедливо земјоделство. Овие методи се олеснувани и поддржувани од многу владини програми и политики. ДПЗ е официјално прифатено во меѓународната регулатива за намалување на ризиците сврзани со користење на пестицидите имајќи ги предвид: здравјето на производителите и општеството, заштита на животната средина и усогласеност со безбедноста. Користењето на ДПЗ, исто така, промовира приватна сопственост преку неформални практични правила и показатели, развиени од преработувачите на храна и трговците на мало, во одговор на барањето на потрошувачите за одржливо и здравствено безбедно производство на храна.

Грижата за безбедна и квалитетна храна во целиот синџир на производството започна со изработка во COAG, прифаќајќи дека одговорноста за обезбедување безбедна по здравјето и квалитетна храна се применува по целата должина на прехранбениот систем од сите учесници во примарното производство, преработката, трговијата на големо и на мало, до потрошувачите. Овој подем покажува дека ДПЗ треба да биде проширен по целиот прехранбен синџир, но главно се подвлекува примарното производство и преработката.

ДПЗ претставува голем број потфати и примени сообразно со минимални задолженија, кои треба да ги почитуваат земјоделците што ќе гарантира доволно ниво на заштита на природните ресурси од загадување и оштетување и ќе придонесува за намалување на глобалното затоплување.
Кога се имаат предвид тенденциите во прифаќањето и развивањето на ДПЗ, ФАО предлага рамка во која се бара разбирање и согласност во однос на принципите, показателите и примената на ДПЗ. На база на таа рамка може да биде изработена стратегија за натамошен развој на раководните принципи на ДПЗ за примарно производство и преработки, кои ќе се користат во границите на важечки регулативи.
Во врска со усогласените меѓународни цели за намалување на гладот и за стимулирање на прехранбената сигурност се применуваат четири принципи на ДПЗ во сите активности на земјоделството и тоа: економично и ефикасно производство на доволни количества безбедна храна; одржување и зголемување на основата на природните ресурси; поддршка на животоспособните земјоделски претпријатија и придонесување за одржлив начин на живот; почитување на културните и социјалните потреби на општеството.
Меѓународната агенција за храна (ФАО) предлага група генерички показатели и практики на ДПЗ. Тие се однесуваат на аспектите сврзани со управување на почвата и водата, растителното производство, растителната заштита, сточарството и здравјето на животните, прибирањето на производството, преработката и чувањето на земјоделските производи во стопанството, енергијата во производството и управувањето со отпадоците, благосостојбата, здравјето и безбедноста на храната, дивиот свет и природниот пејзаж.

Добрите практики сврзани со почвата вклучуваат одржување и подобрување на органските состојки во почвата преку користење на натрупаните резерви со соодветен плодоред, употреба на органско ѓубрење, управување со пасиштата и други практики за користење на земјата, на рационално орање и она што води сметка за заштита на животната средина, одржување на почвениот покривач, а да се осигури погодна средина за почвените микроорганизми и да се минимизира загубата на почвата од ветровни и водни ерозии.
За добри постапки сврзани со водата се сметаат оние што ја максимизираат водната пропустливост и го минимизираат непроизводното истекување на површинските води од реките, управување на површинските и подземните води преку правилна употреба и избегнување на дренажи каде што не е неопходно, подобрување на структурата на почвата и зголемување на нивото на хумус, вложувањата во производството, вклучувајќи и во отпадоци или рециклирани производи преку технологијата со која се избегнува загадувањето на водните ресурси, применување техники со кои го следат водниот статус на растенијата и почвата. Прецизното планирање се однесува на наводнувањето со спречување на засолувањето на почвата со штедење на водата таму каде што е можно, поддржувајќи или одводнувајќи ја почвата каде што е неопходно, изработка и управување со водните биланси за да се предупреди непотребно наводнување, обезбедување на чиста и на безбедна вода за добитокот.

Подобра практика во растителното производство се однесува на воведување разновидни култури земајќи ги предвид нивните карактеристики, кои ги вклучуваат соодветните реакции кон целта за сеидба и расадување, производност, квалитет, позиции на пазарот и прехранбената вредност, потоа отпорност на болести и штетници, климатска приспособливост и реакции кон ѓубрење и хемиски препарати. Потребно е да се планира плодоредот, кој води кон оптимално користење на трудот и средствата за работа и да овозможуваат најголема биолошка корист од контрола над плевелите по пат на конкуренција, механички и биолошки опции, промена на култури за користење на биолошки извори на азот, користење органско и минерално ѓубре во умерени (балансирани) количества со соодветни методи за намалување на хранливите состојки изнесени со жетвата или загуба во време на производство, зголемување на можностите за најголема корист во стабилноста на почвата и на хранливите состојки со рециклирање на растителните отпадоци, да се воведе сточарството во плодосмената и користењето на циклусот на хранливите состојки, рационално користење на пасиштата со ротација на животните за да се овозможи обновување на вегетацијата, да се придржува до нормите и принципите за безбедност, како и до стандардите за заштита на работа со средства за работа и машини за растително производство.

Добри практики сврзани со заштита на растенија се оние што вклучуваат користење на одредени видови култури, плодоред и практика, која ги зголемува можностите за биолошка борба со болести и штетници, редовна контрола на билансот помеѓу штетниците и болестите со корисните организми за сите култури, органски практики за контрола таму каде е тоа пожелно, применување на техники за предвидување на појавата на болести и штетници, интервенции со сите можни методи со нивните краткорочни и долгорочни ефекти врз продуктивноста и последиците за животната средина. Тоа ќе се постигне со минимално користење на агрохемикалиите и со примена на интегрирана растителна заштита, чување и користење на хемиските средства во согласност со законите за регистрација за одделни култури и со определување погодно време и интервали пред прибирање на реколтата.