Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во првата фаза од почнувањето на кризата, мерките за зачувување на работните места доведоа до отсуства од работа, но не и до отпуштање на вработените. Имаше и поединци што не можеа да бараат работа или, пак, не беа достапни поради мерките за ограничување на движењата, со што не се сметаат како невработени. „Евростат“ регистрира пораст на отсуствата од работа и намалување на ефективните работни часови во првиот квартал од 2020 година

Поради пандемијата на ковид-19, во текот на првиот квартал од оваа година „Евростат“ регистрира големо намалување на работните часови и зголемено отсуство од работа на вработените лица, но не и пораст на невработеноста. Како што се наведува во извештајот на европската статистичка агенција, во првиот квартал во 2020 година пазарот на трудот низ Европската Унија (ЕУ) беше погоден од мерките за сузбивање на пандемијата на ковид-19 што ги презедоа земјите-членки.
– Вработувањето и невработеноста како што се дефинирани според Меѓународната организација на трудот (МОТ) не ги опишуваат моменталните случувањата на пазарот на трудот. Во првата фаза од почнувањето на кризата, мерките за зачувување на работните места доведоа до отсуства од работа, но не и до отпуштање на вработените. Имаше и поединци што не можеа да бараат работа или, пак, не беа достапни поради мерките за ограничување на движењата, со што не се сметаат како невработени во согласност со концептот на МОТ. Во ова истражување, „Евростат“ објавува дополнителни индикатори што помагаат да се фатат најновите движења на пазарот на трудот. Овие дополнителни показатели се однесуваат на вкупниот пад на пазарот на трудот, кој ги опфаќа сите лица што имаат потребата од вработување, опфаќа и лица што работат со скратено работно време и би сакале да работат дополнителни часови, или пак отсуства од работа поради разни причини… – се наведува во соопштението на „Евростат“.

Како што се наведува во податоците, во првиот квартал на 2020 година во Унијата биле вработени 190,9 милиони лица. Притоа стапката на вработеност изнесувала 73,3 отсто, непроменета во однос на четвртиот квартал 2019 година и зголемена во споредба со 73 проценти регистрирани во првиот квартал во 2019 година. Во првиот квартал „Евростат“, регистрира 12,8 милиони невработени лица, а стапката на невработеност е 6,3 отсто, што претставува намалување од 6,4 проценти во четвртиот квартал во 2019 година и од 6,7 отсто во првиот квартал во 2019 година.
Меѓу земјите-членки на Унијата, вкупниот пад на пазарот на трудот се зголемил во 16 земји, се намалил во девет земји и останал на исто ниво во Бугарија и во Шпанија. Во Германија, Естонија, Летонија, Литванија, Луксембург, Унгарија, Австрија, Словенија, Словачка, Финска и во Шведска целокупниот пазар на трудот се намалил, но се намалила и невработеноста, додека процентот на вкупната работна сила пораснал.
Во првиот квартал во 2020 година, вкупно 22,9 милиони лица отсуствуваа од работа во ЕУ, што претставува зголемување од 4,3 милиони споредено со четвртиот квартал во 2019 година.

– Меѓу земјите-членки за кои се достапни податоци, највисоки стапки на отсуства од работа во првиот квартал во 2020 година се забележани во Франција, од дури 18,1 отсто. Потоа, Шведска регистрира 16,2 проценти отсуство од работа, па Австрија 15 отсто. Во споредба со четвртиот квартал во 2019 година, сите земји-членки, освен Финска, доживеаја пораст на севкупните отсуства од работа – стои во извештајот на „Евростат“.
Притоа додаваат дека има намалување на вкупниот број работни часови реализирани во првиот квартал од 2020 година, во споредба со четвртиот квартал во 2019, но не колку намалувањето забележано за време на должничката криза. Кај сите земји-членки на ЕУ има намалување на вкупните работни часови, при што најголем пад е забележан во Италија (-9,7 проценти), Словачка (-8,7 проценти) и Австрија (-7,9 проценти).
Слични движења во изминатиов период се регистрирани и во Македонија, каде што со одлука на Владата, поради ширењето на вирусот, беа преземени повеќе мерки за заштита на населението. Некои од мерките беа ослободување родители на деца до 10 години поради затворањето на градинките и на училиштата, но и ослободување на хронично болните лица, како и на бремените жени од работа. Ваквите мерки исто така создадоа состојба каде што лицата и понатаму остануваат вработени, но не учествуваат во работниот процес.

– Состојбата укажува дека и следните месеци производството ќе биде погодено. Се зголемува бројот на компаниите што поради изгубените приходи нема да бидат во можност да продолжат со дејноста и да ги задржат вработените. Тогаш, ако сакаме да биде помал бројот на компаниите што ќе прогласат банкрот, неопходна е поддршка. Но подршката мора да биде добро анализирана, со критериуми што ќе овозможат помошта да им се додели на најпогодените. Повикот на некои „левичари“ да не се напуштаат работници е глупост, затоа што работодавците што ќе го изгубат производството и ќе останат без работа нема да можат да ги задржат работниците – вели претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров.
Тој додава дека доделените ваучери на граѓаните за купување домашни производи и поддршката за домашни продукти ќе им помогнат на компаниите што своите производи ги продаваат на домашниот пазар, но ова нема да им помогне на оние што своите производи ги пласираат на странските пазари.