Најголем дел од приходите банките оствариле преку камати. За една година инкасирале 254 милиони евра, а само од домаќинствата наплатиле 150 милиони евра. Од провизии и надоместоци, во касата ставиле уште 71 милион евра
Каматните стапки на кредитите за една година се намалиле, но се намалиле и каматите за вложените депозити. Каматите за кредитите паднале речиси за половина процент за една година. Граѓаните продолжуваат да се задолжуваат, а просечниот Македонец на банките им должи 1.122 евра. Анализите на Народната банка на Република Македонија покажуваат дека просечната камата на сите кредити изнесува 5,70 отсто. Конкретно, каматите на кредитите за корпоративниот сектор просечно изнесуваат 5,09 отсто, а за кредитите на домаќинствата 6,36 отсто. Во споредба со каматниот тренд во минатата година, со поголемо темпо се намалиле кредитите за фирмите отколку кредитите за население.
– Новоодобрените кредити се со пониски камати, кои просечно изнесуваат 4,98 отсто, односно за кредитите одобрени на корпоративниот сектор каматите изнесуваат 4,56 отсто, а за домаќинствата 5,60 отсто. Каматната стапка на новите кредити одобрени на корпоративниот сектор во февруари во споредба со претходните месеци претставува надолно поместување од 0,40 процентни поени. Притоа, месечниот пад произлегува од намалувањето на каматните стапки кај денарските кредити без валутна клаузула и кредитите во странска валута, споредено на годишна основа оваа каматна стапка е пониска за 0,55 процентни поени – соопштуваат од Народната банка.
Каматите и за кредитите и за депозитите имаат тенденција на постојано намалување во изминативе неколку години. За депозитите просечната каматна стапка во 2015-та била 2,4 отсто, во 2016-та – 1,9 отсто, во 2017-та – 1,7 отсто и оваа година – 1,5 отсто.
Трендовите се должат пред сѐ и на сигналите на НБРМ, која во неколку наврати ја намалуваше основната каматна стапка. Ваквата реакција на монетарната политика е одраз на понатамошното стабилизирање на очекувањата на економските субјекти и на порастот на структурната ликвидност на банкарскиот сектор.
Раздвижувањето на пазарот на кредити, преку намалување на вкупната каматна стапка на кредитите, ја намали нивната цена и ја зголеми побарувачката за кредити.
Според НБРМ, банките имаат вишок ликвидни средства што треба да ги пласираат во стопанството, односно даваат сигнал да се зголеми кредитирањето на граѓаните и на фирмите.
Како што велат од НБРМ, вкупните кредити дадени на домаќинствата во февруари годинава достигнале 2,3 милијарди евра. Истиот месец лани овој износ изнесувал 2,1 милијарда евра, што значи дека за една година пораснал за вкупно 210 милиони евра, односно за 9,93 отсто.
– Утврдено е натамошно стабилизирање на довербата и очекувањата на економските субјекти, видливо преку поволните движења на девизниот пазар и постепеното забрзување на депозитниот пораст, а последните оцени се дека и надворешното опкружување е подобро од очекуваното. Со тоа има подобар амбиент и помали ризици врз домашната економија – велат надлежните од НБРМ.
Абдулменаф Беџети, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа, нагласува дека последната година со значително побрза динамика се намалуваат каматите на кредитите во споредба со каматите на депозити.
– Денес, за добар проект и бонитетна компанија со висока ликвидност се наоѓаат и кредити со под 4 отсто камата. Проблемот е во тоа што не се развиени пазарот на капитал и алтернативните инструменти за финансирање на стопанството (корпоративни обврзници), туку извор на финансирање се исклучиво традиционалните кредити. Потоа, високата неликвидност кај компаниите и стопанството не овозможува поинтензивно намалување на каматните стапки во кредитирањето и поради релативно високиот ризик кај компаниите. Лошите кредити, и покрај тоа што минатата година значително се исчистија од редовните биланси, сѐ уште претставуваат вонбилансен товар кај банките – смета Беџети.
Податоците на Народната банка покажуваат дека во 2017 година банките заработиле 106,6 милиони евра, или речиси 4 милиони повеќе од 2016 година, што претставува рекордна заработка остварена досега.
– Големата профитабилност на банките се должи на големата претпазливост за кредитирање првокласни клиенти што можат да си ги вратат и основицата и каматите. Со кредитирање на домаќинствата се врши висока дисперзија на ризикот. Таквата конзервативна политика дава резултати врз профитабилноста, и тоа не само кај големите банки туку и кај средните по големина – истакна Љубе Трпевски, поранешен гувернер на НБРМ.
Најголем дел од приходите банките оствариле преку камати. За една година инкасирале 254 милиони евра, а само од домаќинствата наплатиле 150 милиони евра. Од провизии и надоместоци во касата ставиле уште 71 милион евра.