Фото: ЕПА

Централната изборна комисија на Израел ги усвои резултатите од изборите одржани минатата недела, со што официјално започна процесот за формирање нова влада, објави „Тајмс оф Израел“.

За усвојување на резултатите гласаа опозициските партии „Јеш Атид“ и „Сино-бели“, додека претставниците на „Ликуд“, партијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, и ултраортодоксната „Шас“ беа воздржани. Резултатите беа потврдени и од поширокиот состав на комисијата, а одлучувачкиот глас го даде нејзиниот претседател, судијата Ноам Солберг.

Изборните резултати му беа доставени на израелскиот претседател Исак Херцог, кој ќе започне консултации со лидерите на политичките партии за избор на кандидат за премиер. Се очекува мандатот за формирање нова влада да му биде доверен на кандидатот кој ќе обезбеди најголема поддршка од партиските лидери.

Потврдувањето на резултатите следуваше по обидите на „Ликуд“ и други партии од досегашната владејачка коалиција да го одложат процесот, повикувајќи се на недокажани тврдења за изборна измама.

Судијата Солберг го одби барањето, посочувајќи дека изборната комисија нема законски овластувања да го одложи потврдувањето на резултатите врз основа на информации за истраги или загриженост на органите за спроведување на законот.

Претходно во текот на денот, комисијата соопшти дека не биле утврдени неправилности што би укажале на компромитирање на гласањето или менување на изборните резултати.

– Преносот на власта не може да зависи од желбите или согласноста на претставниците на мнозинството во Кнесетот кое заминува од власта. Таквиот пристап не само што е спротивен на законот, туку е во спротивност и со самите темели на нашиот заеднички живот како граѓани во демократска држава – изјави Солберг.

Израелската безбедносна служба Шин Бет ја информирала изборната комисија дека располага со разузнавачки информации за можно странско финансирано влијание врз изборите. Сепак, службата нагласила дека се потребни дополнителни истражни активности за да се утврди степенот на евентуалното влијание.

По ова, министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир, лидер на партијата „Оцма Јехудит“, која е дел од политичкиот блок на Нетанјаху, побара од шефот на Шин Бет, Давид Зини, да ги уапси лидерите на арапските партии и да ги сослуша без одобрение од државниот обвинител. Тој исто така побара итно запирање на процесот на потврдување на изборните резултати и формирање нова влада.

И „Ликуд“ изнесе обвинувања за изборна измама против арапските партии, како и тврдења за странско влијание врз изборите. Од опозицијата, пак, предупредија дека ваквите обвинувања не треба да се користат за политичка злоупотреба.