Фото: Пиксабеј

Во Солун синоќа бил уапсен 43-годишен маж, кој бил баран со меѓународна потерница на Интерпол, распишана од Македонија поради сомнение за извршено кривично дело тешка кражба, пренесе дописничката на МИА од Атина.

Според информациите од грчката полиција, припадници на Одделението за сузбивање и расчистување кривични дела го привеле мажот вчера вечерта во центарот на Солун.

– Станува збор за 43-годишен странски државјанин, по кого е распишана меѓународна потерница од Интерпол – Северна Македонија, за кривично дело тешка кражба, согласно Кривичниот законик на наведената земја – соопштила грчката полиција.

Апсењето било реализирано во рамки на редовните полициски контроли и патроли во Солун, насочени кон спречување и сузбивање на криминалот, како и откривање и расветлување кривични дела.

Уапсениот се очекува да биде изведен пред надлежните грчки органи, по што ќе започнат постапките за негова екстрадиција во Македонија.