На неодамна одржан брифинг, меѓу присутните колеги новинари, како што е вообичаено, беа разменети неколку збора за работата, при што главно можеа да се слушнат слични забелешки за исти предизвици со кои се соочуваат сите медиуми. Речиси секогаш во таква ситуација некој ќе спомне како станува сѐ потешко да се најдат квалитетни новинари, па и новинари воопшто, дури и почетници, што наидува на колективно потврдување од сите присутни.
Меѓу веќе слушнатите познати муабети во новинарството, еден колега уредник на интернет-портал се пожали како ангажирал млад новинар што во секоја пригода ја користи вештачката интелигенција (ВИ) за да состави вест и никако не прифаќа, на пример, сам да смисли наслов за текст, без да се консултира со напредната технологија. Ваквото барање упатено до новинарот новајлија е со цел да се поттикнат неговата креативност и способност за самостојно размислување. Смислувањето наслови е една од воведните вежби за почетниците во оваа професија, на кои уште во првите работни денови им се вели да не предаваат текст до уредникот без да се обидат да стават наслов. Тоа е исклучително важно бидејќи се смета дека насловот (заедно со фотографијата за илустрација) во 90 отсто од случаите ќе го привлече читателот кон текстот. Затоа големите светски медиуми често имаат новинар што е задолжен исклучиво за ставање ударни, интересни наслови на текстовите, што навистина бара посебна дарба. На крајот на краиштата, кога новинарот самостојно ќе осмисли наслов што ќе го пофалат како квалитетен, тој чувствува задоволство, горд е на својата идеја. И тоа е важно за почетниците и за нивната самодоверба.
Но, како што се зголемува интересот за ВИ, се расправа и за нејзината примена и способности, што таа може да стори, а што не може. И во претходниот коментар пишував за вештачката интелигенција како „соработник“ и спомнав дека сум сигурен дека таа не може да ги замени новинарската идеја и креативност. Многумина ќе кажат дека пишува монотоно, предвидливо, сувопарно, дека не може да пренесе емоција, да го „погоди“ читателот, но некои неодамнешни примери нудат и поинаква слика.
Еден таков се случи минатиот мај, кога малку познатиот писател Џамир Назир од Тринидад и Тобаго, со едногласна одлука ја доби наградата на Комонвелтот за кратка приказна доделена од фондацијата „Комонвелт“ од Лондон, за неговото дело „Змијата во шумата“. Тоа му донесе 2.500 фунти и објавување на неговиот расказ на сајтот на престижниот британски книжевен магазин „Гранта“. Приказната, чие дејство се одвива во руралните предели на Тринидад и Тобаго, е фокусирана на една волшебна шума. Таа го следи Вишну, кој е алкохоличар што се обидува да ја убие својата сопруга Сита, во обид да најде излез од својата животна ситуација.
Читателите во наградениот расказ набрзо забележале стилски шеми и формулации карактеристични за употребата на ВИ, а дополнителен сомнеж внесоа навидум чудни метафори и необични описи како на пример, „покривот одговара со суво стенкање“, „воздухот се лепеше, густ како кора на каша“, како и „нејзината коса е полноќен дожд, нејзината насмевка свети како цинк“!? Некои од читателите го пуштиле текстот на проверка преку алатката „Панграм“ за откривање употреба на ВИ, која дала резултат дека награденото дело е 100 отсто создадено од ВИ. Треба да се истакне дека точноста на „Панграм“ не е потполно гарантирана, но издавачот „Гранта“ исто така соопшти дека го прашал моделот на вештачка интелигенција Клод дали расказот е генериран од ВИ, додавајќи дека добил опширен одговор оти текстот „речиси сигурно не е создаден од човек без одредена помош“. ВИ била користена да открие ВИ, што е исто така интересно.
Наспроти силниот скептицизам, Фондацијата на Комонвелтот соопшти дека ги истражила наводите и заклучила оти при создавањето на расказот не била користена вештачка интелигенција. Назир, пак, во своја одбрана ги споделил личните белешки што треба да посведочат за процесот на пишување на приказната. Овој случај привлече глобално внимание, со што останаа одредени сомнежи за авторот на расказот. Па, тогаш треба да се запрашаме дали текст составен од ВИ може да ја добие и престижната американска Пулицерова награда за достигнувања во новинарството.
До пред некоја година лажните вести или фејк њуз, како што претпочита често да каже американскиот претседател Доналд Трамп, се сметаа за главна закана за лековерните или можеби недоволно упатените, а сега, како што покажува и случајот со расказот на Назир, треба да се внимава и на „нечовечки“ создадените содржини. Затоа постојано се истакнува потребата за стекнување медиумска писменост, за што се залага и „Нова Македонија“ преку нашите содржини, како и преку организација на работилници со најмладите, осмислување иницијативи и учество на трибини и јавни собири за едукација на оваа тема. Ова е особено актуелно прашање откако меѓународното тестирање ПИСА 2025 неодамна покажа дека македонските ученици на 15-годишна возраст забележале најслаби резултати во читањето со разбирање, односно во способноста да анализираат информации, да носат заклучоци и критички да размислуваат за содржините што ги читаат.
Токму затоа е важно младите да се едуцираат, за да станат читатели што ќе умеат да препознаат веродостојни извори на информации, автентични текстови и квалитетно новинарство, кои ќе бидат насочени кон традиционалните медиуми што држат до високи новинарски стандарди. А тие стандарди подразбираат новинари што можат сами да смислат интересен наслов, без туѓа помош.
































