Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска на Меѓународниот аеродром Скопје ја пречека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која пристигна во официјална посета на земјава, пренесе МИА.
Муцунски на својот профил на Фејсбук ѝ посака добредојде на претседателката на Европската комисија, нагласувајќи дека нејзината посета претставува потврда за европската ориентација на државата и посветеноста на Владата на реформските процеси.
Тој ја истакна и целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, како и определбата за напредок во процесот на европска интеграција.
-За нас е важен јасен, кредибилен и предвидлив процес. Пред нас се конструктивни средби, со фокус на натамошниот напредок. Европски вредности, реформи, силни институции и конкурентна економија – за подобар живот на граѓаните – порача Муцунски.
Фон дер Лајен престојува во Скопје во рамки на нејзината турнеја низ земјите од Западен Балкан.
Како што информираат од владината прес-служба, таа ќе оствари тет-а-тет средба со премиерот Христијан Мицкоски, по што двајцата ќе одржат заедничка прес-конференција во Медија центарот на Владата.
































