Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска пристигна во Владата во Скопје, каде што со највисоки државни почести ја пречека премиерот Христијан Мицкоски.
Фон дер Лајен престојува во официјална посета на Македонија во рамки на нејзината турнеја низ земјите од Западен Балкан.
По церемонијата на пречек, Мицкоски и Фон дер Лајен ќе одржат тет-а-тет средба, по што, како што соопшти владината прес-служба, е предвидена и заедничка прес-конференција.
Претходно, претседателката на Европската комисија на скопскиот аеродром ја пречека министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Муцунски преку Фејсбук ѝ посака добредојде на Фон дер Лајен и оцени дека посетата претставува потврда за европската ориентација на земјата, посветеноста на Владата на реформите, усогласеноста со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и определбата за напредок во европската интеграција.
Мицкоски: Подготвени сме да разговараме и да најдеме решение
Во пресрет на посетата, Мицкоски повтори дека Владата е подготвена за разговор и решение, отфрлајќи ги обвинувањата од опозицијата дека евроинтегративниот процес се забавува поради неприфаќањето на уставните измени.
– Нашиот став е јасен, нашите аргументи се јасни. Ние сме подготвени да разговараме, да дебатираме и на крајот од денот да најдеме решение – изјави Мицкоски.
Фон дер Лајен ќе оствари средба и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Вила Водно. На средбата се очекува да се разговара за европската перспектива на Северна Македонија и регионот, како и за процесот на пристапување кон Европската Унија.
Меѓу темите се очекува да биде и спорот со Бугарија и можностите за негово надминување.
Фон дер Лајен во турнеја низ Западен Балкан
Посетата на Северна Македонија е дел од турнејата на Фон дер Лајен низ Западен Балкан. Во рамки на турнејата таа ги посети Албанија, Црна Гора и Косово.
Овојпат во агендата не се вклучени Србија и Босна и Херцеговина. Портпаролката на Европската комисија, Аријана Подеста, соопшти дека двете земји се изоставени бидејќи се во изборен период.
Според најавеното, Србија треба да одржи предвремени парламентарни избори на 25 октомври, додека во Босна и Херцеговина општите избори се закажани за 4 октомври.
































