Можностите за заедничко учество во европски истражувачки проекти, унапредување на геолошките истражувања и подобро искористување на минералните и геотермалните ресурси беа во фокусот на координативниот состанок одржан во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини со претставници на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Геолошкиот завод.
Како што информираат од Министерството, една од клучните теми била можноста за заедничко учество на повик во рамките на програмата „Хоризонт Европа“, насочен кон процена на ресурсите во длабоки седиментни и други длабински резервоари.
Во таа насока се разгледува формирање меѓународен конзорциум и вклучување странски партнери со искуство во геолошки и геотермални истражувања. Потенцијални партнери се институции и стручни организации од Хрватска, Словенија и Германија.
Целта е преку заеднички истражувачки проект да се придонесе кон попрецизно утврдување на геотермалниот потенцијал на земјата. Предвидено е да се користат расположливите геолошки и геофизички податоци, лабораториски испитувања и моделирање, а доколку тоа го овозможат техничките и проектните услови, и истражувачко бушење со добивање јадро за понатамошни научни анализи.
На состанокот била истакната и потребата од посистематски пристап кон истражувањето на критичните минерални суровини, чие значење расте поради нивната примена во енергетиката, современите технологии и индустријата.
Како дел од иницијативите е разгледана подготовка на Програма за истражување на критичните минерални суровини. Програмата треба да ги утврди приоритетите и идните активности за испитување на потенцијалот на овие суровини во земјата, со вклучување на стручните и научните капацитети на Факултетот за природни и технички науки при УГД.
Во разговорите било отворено и прашањето за Сивец, како препознатлива домашна минерална суровина. Во тој контекст, предложено е да се разгледаат можностите и условите за негова соодветна заштита и препознатливост преку географска ознака.
Дополнително, иницирана е подготовка на Каталог на минералните суровини, кој треба на систематизиран начин да ги обедини достапните информации за минералните суровини и нивниот потенцијал. Од Министерството очекуваат каталогот да придонесе за полесен пристап до геолошките информации и да обезбеди подобра основа за идни истражувања, планирање и промоција на минералниот потенцијал на земјата.
За реализација на овие активности, на состанокот била нагласена потребата од продлабочување на соработката меѓу Министерството, Геолошкиот завод, Универзитетот „Гоце Делчев“ и другите научни и стручни институции, како и од поголемо учество во европските програми за истражување и развој.
Во однос на повикот во рамките на „Хоризонт Европа“, учесниците се согласиле да продолжат со подготовка на заеднички проектен концепт и идентификување на соодветни странски партнери.
Од Министерството велат дека со овие активности се става акцент на систематско истражување на домашниот геолошки потенцијал, развој на геотермалната енергија, подобро познавање на критичните минерални суровини и создавање стручна основа за долгорочно и одржливо управување со минералните ресурси.
































