Фото: ЕПА
  • Од Ирак преку Иран и Персискиот Залив, Вашингтон ја менува формата на своето присуство на Блискиот Исток. Наместо со помал број војници на теренот, тој сега дејствува преку други форми на притисок – санкции, сојузништва и, се разбира, контрола врз клучните критични точки

На 30 септември, Вашингтон ја заврши воената мисија во Ирак, по повеќе од две децении американско воено присуство. Последните американски сили го напуштија ирачкиот Курдистан, со што формално завршува еден од најдолгите американски воени ангажмани по Втората светска војна. Но заминувањето од Ирак не треба да се чита како заминување на САД од Блискиот Исток. Напротив, американската политика покажува дека Вашингтон се обидува да ја намали потребата од трајно распоредени копнени сили, додека се обидува да го задржи во друг облик и форма своето влијание врз регионалната безбедносна архитектура. Ирак е највидливиот пример за оваа трансформативна транзиција. Американската воена мисија завршува, но безбедносната, разузнавачката и политичката соработка со Багдад треба да продолжи во друга форма.

Иран го прогласува повлекувањето за победа

Во Техеран и меѓу ирански ориентираните ирачки милиции, американското заминување се претставува како „стратешка победа“. Иран со години се залага за отстранување на американското воено присуство од регионот, а повлекувањето од Ирак несомнено ја отстранува една од главните точки преку кои Вашингтон можеше директно да влијае врз ирачката безбедност. Ирачките проирански вооружени групи веќе го опишаа американското заминување со уште еден силен атрибут, како што е – „историска победа“. Но околностите откриваат и нешто друго. Вашингтон истовремено врши силен притисок врз Багдад да ги стави вооружените милиции под контрола на државата. Токму тука можеби на прв поглед може да се препознае еден голем парадокс на американската политика, а тоа е дека „САД го напуштаат Ирак во момент кога се обидуваат да го ограничат иранското влијание во земјата“.

„Сирискиот маневар“ како пресврт

Слична, но сепак различна динамика се гледа и во Сирија. Американското воено присуство таму исто така се редуцира, но паралелно Вашингтон отвора нов политички маневар кон сириските власти. Администрацијата на Доналд Трамп веќе направи значаен пресврт со олеснувањето на санкциите и постепеното отворање кон новата сириска власт. Најновиот сигнал е укинувањето на американската општа забрана за извоз на оружје во Сирија, при што идните барања ќе се разгледуваат одделно. Така, американската политика во Сирија сè повеќе наликува на „транзиција од воена кон политичка и економска присутност“!

Иран останува централната тема

Ако Ирак е пример за американско воено повлекување, Иран е пример за американскиот спротивен процес, имено, за засилен притисок.
Вашингтон во август годинава започна нова широка економска кампања против Техеран, со цел дополнително да ги ограничи финансиските и трговските канали на иранската држава. Истовремено, САД ја задржуваат воената контрола над клучните поморски комуникации во Персискиот Залив и Ормускиот Теснец.
Белата куќа тврди дека американските сили обезбедуваат слободен поморски сообраќај и спречуваат Иран повторно да го користи Ормускиот Теснец како средство за стратешки притисок…

Саудиска Арабија, партнерот на САД што мора да остане

Паралелно со притисокот врз Иран, Вашингтон ја продлабочува соработката со Саудиска Арабија. Тоа не е само класично воено сојузништво. Во јули Вашингтон и Ријад постигнаа договор за цивилна нуклеарна соработка, што отвора нова стратешка димензија во односите меѓу двете земји. Во исто време, американските и саудиските сили веќе спроведуваа заеднички операции против проирански вооружени групи во Ирак. Со други зборови, американското повлекување од Ирак не значи напуштање на арапските сојузници. Тоа значи обид регионалните партнери да преземат поголем дел од безбедносниот товар.

Нова американска формула

Според наш соговорник дипломат, на Блискиот Исток Вашингтон аплицира нова програма со „политички софтвер“ што содржи нови, но и стари елементи на практикување на една голема светска сила.
– Новата формулата на Вашингтон по низа елементи станува препознатлива. Имено, се забележува помалку трајна, ајде послободно да се изразам, една „окупациска или експедициска војска“, а создава повеќе сојузници, економски притисок, санкции, разузнавање, воздухопловна и поморска демонстрација на моќ. Тоа е Америка што не сака да го напушти Блискиот Исток, но повеќе не сака ниту да го управува со десетици илјади војници. Прашањето што останува е дали оваа формула ќе создаде стабилен регионален баланс или ќе остави простор други сили, пред сè Иран, Турција, Русија и Кина, да го пополнат празниот простор. Американското повлекување од Ирак затоа не е крај на американската блискоисточна политика. Тоа е почеток на нејзината нова, пофлексибилна и многу помалку предвидлива фаза, метафорички да се изразам, што Трамп ја аплицира преку нова надградена програма со „политички софтвер“ што одговара на една голема светска сила со глобален интерес – завршува нашиот ценет соговорник, дипломат од кариера. Р.С.


АНАЛИЗА: Американската политика на Блискиот Исток изгледа противречно, но далеку од тоа дека е таква

Вашингтон го напушта Ирак, но го стега обрачот околу Иран

  • Американското повлекување од Ирак изгледа како ретерирање, но пошироката слика покажува нешто покомплексно. Имено, Вашингтон се
    обидува да го замени трајното воено присуство со регионална мрежа на сојузници, економски притисок и со контрола врз стратешките точки

На прв поглед, американската политика на Блискиот Исток изгледа противречно. САД ги повлекуваат последните војници од Ирак, го намалуваат директното копнено присуство, а истовремено водат најостра конфронтација со Иран во последните децении. Но токму тука се наоѓа суштината на новата стратегија. Вашингтон очигледно се обидува да избегне „долгорочна воена окупација“, без да се откаже од способноста да употреби сила кога смета дека се „загрозени американските интереси“. Официјалната американска стратегија за Блискиот Исток го определува Иран како главна државна закана од регионот, особено поради неговите ракетни и нуклеарни способности и мрежата на вооружени партнери. Оттука, повлекувањето од Ирак не треба автоматски да се толкува како стратешко отстапување. Во врска со оваа тема, се обидовме да направиме куса анализа со повеќе наши постојани соработници, дипломати, универзитетски професори, како и академици.

Ирак како тест за новиот модел на САД на Блискиот Исток

– Едноставно кажано, Вашингтон сега сака Ирак да биде доволно силен да ја преземе безбедносната одговорност, но истовремено доволно зависен од американската економска, разузнавачка и технолошка поддршка за да не се претвори во целосно иранска сфера. Тоа е многу потешка задача од едноставното распоредување војници. Главниот проблем се проиранските милиции. Ирачката влада е под американски притисок да ги разоружа или да ги интегрира во државниот безбедносен систем, но дел од овие структури имаат сопствена политичка база, оружје и врски со Техеран. Затоа, еден од можните следни потези на Вашингтон е да го префрли тежиштето од американски војници кон економски инструменти, како на пример санкции, пристап до таканаречениот доларски систем, контрола врз приходите од нафтата и условување на економската соработка. Тоа веќе се користи како инструмент на притисок врз Багдад – велат нашите соговорници.

Следната битка е со Техеран

– Во односите со Иран, Вашингтон веројатно ќе комбинира две спротивставени линии, кои всушност се од една страна максимален притисок, а од друга страна отворена врата за договор. Тоа не е нужно контрадикција. Напротив, санкциите и воената демонстрација на сила можат да бидат американската преговарачка позиција. Вчера-завчера, поточно на 30 септември, Техеран соопшти дека преку Катар добил американски одговор на својот седумдневен план за градење доверба и повторно воспоставување нормален поморски сообраќај. Така што клучното прашање веќе не е само дали ќе има преговори туку по кој редослед ќе се исполнуваат условите. Токму тоа отвора простор за нов договор. На пример, Иран да добие одредено економско олеснување и механизам за нормализација, а САД да добијат ограничувања поврзани со иранската нуклеарна програма, ракетниот потенцијал и со регионалните вооружени мрежи – велат нашите соговорници, додавајќи дека тоа е едно високоверојатно сценарио, што, сепак, за жал, не е засега договорена реалност.

Ормускиот Теснец како американска карта

– Во следната фаза, Ормускиот Теснец ќе остане еден од најважните американски интереси. Вашингтон веќе демонстрира дека контролата врз поморските патишта ја смета за стратешка предност. Тоа му овозможува на Вашингтон да врши притисок врз Техеран без нужно да ја зголемува копнената воена присутност. Но истовремено, долготрајното нарушување на транспортот низ Заливот е ризик и за американските партнери. Затоа Вашингтон ќе има интерес да го претвори Ормуз од бојно поле во преговарачка вредност од која нема да отстапи. За Трамп, Ормускиот Теснец не е варијабла околу која може да се преговара. Ако се постигне договор со Иран, нормализацијата на поморскиот сообраќај може да биде еден од првите конкретни резултати – анализираат нашите соговорници.

Саудиска Арабија станува уште поважна

Паралелно со дипломатскиот канал кон Техеран, Вашингтон ќе мора да ја уверува Саудиска Арабија дека американското намалување на копнените сили не значи напуштање на Заливот.
– Ријад веќе реагира со диверзификација на сопствената безбедност и со создавање дополнителни регионални одбранбени врски. Американско-саудискиот договор за цивилна нуклеарна енергија е особено важен во овој контекст. Но тој носи и нуклеарна дилема. Имено, ако Саудиска Арабија добива поширок простор за нуклеарна технологија, Вашингтон мора да го балансира тоа со ризикот од нова регионална трка во нуклеарни способности. Затоа односите со Ријад во иднина веројатно ќе бидат комбинација од безбедносни гаранции, оружје, нуклеарна технологија, инвестиции и координација против иранското влијание – велат соговорниците.

Израел останува неизбежниот фактор

Вашингтон, сепак, не може да ја конципира политиката кон Иран без Израел.
– Американско-израелската воена конфронтација со Иран веќе ја промени регионалната рамнотежа. Но токму затоа следната фаза може да биде дипломатска: Вашингтон ќе има интерес воената предност да ја претвори во политички договор наместо во бескраен конфликт. Тука лежи една од најголемите неизвесности. Ако Техеран оцени дека американскиот притисок е неподнослив, може да продолжи со асиметрична конфронтација преку регионалните партнери. Ако Вашингтон процени дека Иран е доволно ослабен, може да бара долгорочен договор од многу поширок карактер.

Сирија како нова партија на блискоисточната шаховска табла

Сирија може да стане еден од најинтересните примери на новата американска политика. Вашингтон паралелно го намалува директното воено присуство и отвора политички и економски простор кон новата сириска власт. Отстранувањето на Сирија од американската забрана за извоз на оружје покажува дека администрацијата сака да го тестира новиот однос со Дамаск. Ако овој процес продолжи, Сирија може постепено да се претвора од американско бојно поле во партнер во ограничувањето на иранското влијание. Тоа би било значајна промена во регионалната архитектура – велат во својата опсервација на состојбите нашите соговорници.
На нашето прашање на кој начин тие ја антиципираат состојбата на Блискиот Исток, соговорниците издвојуваат четири можни насоки на американската политика.
– Од достапните потези може да се издвојат четири можни насоки на американската политика. Првата е продолжување на економскиот и финансискиот притисок врз Иран. Втората е ново дипломатско договарање со Техеран, особено околу нуклеарното прашање и Ормускиот Теснец. Третата е префрлање на поголем дел од регионалниот безбедносен товар врз Саудиска Арабија и другите заливски партнери. Четвртата е создавање нова мрежа на политички партнери во Ирак и Сирија наместо враќање на голема американска копнена армија. Во овој контекст, мекиот стомак (слабата точка) на оваа стратегија е што регионалните партнери не мора секогаш да ги делат американските приоритети. Саудиска Арабија сака безбедност, но сака и економска стабилност. Ирак сака суверенитет, но мора да живее со огромното иранско влијание. Сирија бара меѓународно отворање, но има свои внатрешни конфликти. Иран сака економско олеснување, но истовремено сака да го зачува својот регионален простор. Затоа американската политика на „помалку војници, повеќе партнери“ ќе биде многу потешко да се спроведе отколку што изгледа на хартија – анализираат нашите ценети соговорници.

Америка не си оди, Америка само го менува начинот на влијание на Блискиот Исток

Најважниот заклучок од последните потези не е дека САД го напуштаат Блискиот Исток. Пореално е да се зборува за промена на американскиот начин на присуство. Вашингтон сака да биде доволно силен за никој регионален актер да не може лесно да го оспори американскиот интерес, но не сака повторно да стане „полицаец што мора трајно да ја контролира секоја криза на теренот“. Затоа следната американска политика најверојатно ќе биде помалку видлива во американските воени бази, а повеќе присутна преку санкциите, договорите за оружје, нуклеарната технологија, разузнавачката соработка, енергетските коридори и дипломатијата. И токму затоа американското заминување од Ирак може да биде помалку крај отколку почеток на новата надградена фаза од борбата за влијание на Блискиот Исток. Р.С.