Фото: Фејсбук/Совет на Европа
  • Генералниот секретар на Советот на Европа Алан Берсе: Не можам и не сакам да интервенирам или да се обидам да влијаам на поединечен случај што моментално се води пред националните власти или судови. Ова ги вклучува и одлуките во врска со ограничувањата за патување

Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција

Случајот на Ива Михајлова во Македонија, која има бугарско државјанство, се најде на пленарната сесија на ПССЕ, каде бугарската Весела Момчева-Тоун се пожали на тоа што „Михајлова не можe да оди на лекување во Бугарија“.

-Поради тековните судски постапки, на Ива Михајлоа не ѝ е дозволено да патува во странство за медицински третман, иако ова ограничување може да има сериозни последици по нејзиното здравје. Моето прашање до вас е: како може Советот на Европа да ги принуди земјите-членки да обезбедат дека законските ограничувања непропорционално го попречуваат пристапот до итна и неопходна здравствена заштита во странство?

Во одговорот, Генералниот секретар на Советот на Европа, потсети дека за ова прашање не слушнал за прв пат.

-Можам да потврдам дека претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, исто така го покрена ова прашање за време на нашиот состанок претходно овој месец.

-Не можам и не сакам да интервенирам или да се обидам да влијаам на поединечен случај што моментално се води пред националните власти или судови. Ова ги вклучува и одлуките во врска со ограничувањата за патување. Сепак, би сакал да повторам дека стандардите на Советот на Европа, вклучително и оние утврдени во Европската социјална повелба, секако мора да се почитуваат, бидејќи нивната важност е очигледна. Секое наводно кршење на овие стандарди мора да се реши. Исто така, за оваа цел имаме на располагање соодветни национални механизми и механизми на Советот на Европа – заврши Генералниот секретар на Советот на Европа.

Советот на Европа гледа ризик од оживување на националистичките движења на Балканот

Во однос на евроинтеграциите на земјите од Западен Балкан, Генералниот секретар на најстарата паневропска организација, беше испрашуван од италијанскиот пратеник Пјеро Фасино, според кој од една страна, балканските земји се вклучени со години во процес на европска интеграција кој сè уште се бори да го достигне својот крај; а од друга страна, сведоци сме на нови тензии и нови етнички конфликти во регионот.

Фасино посебно се интересираше како Советот на Европа можеме да спречиме појава на нови конфликти и да придонесе за забрзување на процесот на европска интеграција?

Алан Берсе го дели истото мислење со Фасино: „Она што можам да ви кажам е дека го делам вашето набљудување; го гледам истото: одредена фрустрација што може да се појави во некои земји од регионот во врска со пристапувањето кон Европската Унија. И ние го гледаме и ризикот од повторно оживување на националистичките движења. Гледаме одредени демократски назадувања. Ова се реални проблеми. Морам да ви кажам, имав можност да разговарам за ова не само за време на посетите што ги направив на повеќето земји во регионот од почетокот на оваа година, а исто така и минатата година, туку тоа беше и многу интересна тема за дискусија во Конгресот на САД со членови на Сенатот и Претставничкиот дом“.

Според Берсе, Советот на Европа не може да го диктира темпото на преговорите со Европската Унија. Тоа не е неговата улога. Она што може да го направи е да помогне да се осигура дека земјите-кандидатки на крајот ќе се приближат кон барањата за пристапување. Ова може да се постигне преку пресудите на Судот, учеството во сите тела на Советот на Европа, Венецијанската комисија, која игра клучна улога во сето ова, механизмите за следење што можеме да ги имплементираме и програмите за соработка.

-Затоа, имаме на располагање многу алатки за да ја гарантираме независноста на судовите, изборниот интегритет, правата на малцинствата, слободниот печат – накратко, сè што е потребно. Ова бара не само имплементација, туку и посветеност. Можеме да го разгледаме случајот со Босна и Херцеговина, каде што отсекогаш очекувавме и продолжуваме да очекуваме значителен напредок во спроведувањето на пресудите Сејдиќ и Финчи, со кои сте запознаени. Исто така, природно е потребно во овој контекст да можеме да ги решаваме проблемите преку дијалог. Можеме да го продолжиме ова и мислам дека Советот на Европа има улога во регионот со тоа што е, да речеме, дома, ако можам така да го кажам, во сите земји од регионот, со оглед на ситуацијата во Косово за која сите сме свесни – нагласи Генералниот секретар на Советот на Европа.