По потпишаниот меморандум за соработка меѓу Музејот на современата уметност во Белград (Република Србија) и Националната галерија, в петок ќе се отвори самостојната изложба „Корпореалност“ на академик Жарко Башески во Музејот на современата уметност во Белград. Публиката ќе може да ја посети изложбата до 9 ноември. Ќе биде промовиран и обемен каталог, а целиот проект е поддржан од Министерството за култура и туризам на Македонија.
Националната галерија на Македонија постои од далечната 1948 година, кога била основана од припадници на првата генерација современи македонски академски образовани уметници. Еден од нив, големиот Лазар Личеноски, живеел токму во Белград цели три децении, каде што се школувал и ги стекнал своите основи во сликарството. Другите уметници од првата генерација – Никола Мартиноски, Борко Лазески, Димо Тодоровски и Димитар Аврамовски-Пандилов – ја создале непроценливо богатата збирка уметнички дела што се во владение на Националната галерија речиси цели осум децении.
– Фактот дека оваа соработка се случува за првпат и дека официјално е потпишан ваков значаен документ за заедничко културно дејствување, укажува дека двете земји непречено ја промовираат уметноста на нивото што таа го заслужува. Со потпишаниот меморандум меѓу двете културни институции, во кои се презентираат светски познати имиња од областа на уметноста, соработката го достигнува својот дострел. Благодарение на тоа, оваа година Националната галерија се претставува во Музејот на современата уметност во Белград со самостојната изложба на Жарко Башески, професор и дописен член на Македонската академија на науките и уметностите, проект поддржан од нашето Министерство за култура и туризам. А следната година (2027) ја очекуваме изложбата од Музејот на современата уметност – Белград, која ќе биде поставена во еден од импозантните објекти на Националната галерија – информираат од Националната галерија.
Самостојното претставување на проф. Жарко Башески токму во галерискиот простор во Музејот на современата уметност – Белград е навистина уметнички подвиг и го покажува интересот за неговиот хиперреалистичен пристап во оформувањето на делата, кои ни зборуваат за човекот и за светот во кој живееме.
– Преку своите реални претстави на постоењето, уметникот Башески нè воведува во често предизвикувачки елементи од реалноста, кои понекогаш и не можеме толку лесно да ги забележиме со обичен поглед кон прикажаното.
Во неговите високоценети скулптури се испреплетуваат повеќе концепти, со современ поглед на човековата состојба преку самонабљудување, со употреба на нови материјали и со филозофски пристап при моделирањето и изработката. Сите тие елементи нудат повеќеслојно читање на уметничкото дело.
Поради фактот дека се работи за исклучителен автор, кој, меѓу другото, ја претставуваше Македонија на престижното Венециското биенале во 2011 година, кој е добитник на повеќе значајни меѓународни признанија, а многу од неговите дела се во приватни колекции кај нас и во странство, како институција од национален интерес, сметаме дека овој автор е најдостоен да се претстави токму во Музејот на современата уметност во Белград. Со тоа не само што ќе се прикаже неговото значајно дело пред белградската публика туку и ќе се развие и ќе се зацврсти соработката меѓу нашите културни институции и меѓу нашите држави – пишува Маја Крстевска, виша кустоска.































