Отворен „Букстар“

Со громогласен аплауз и невидено внимание, учениците од четири скопски училишта го пречекаа најчитаниот современ шпански писател Елој Морено и добија можност одблиску да го запознаат авторот на нивните омилени книги – „Невидлив“ и „Мрежи“. Многумина од нив пристигнаа со зрели прашања и со сопствени примероци од „Невидлив“, книгата што ја читаат како лектира, но и дело што им е блиско затоа што отвора теми со кои младите секојдневно се соочуваат – врсничкото насилство, потребата за прифаќање, желбата за докажување и потрагата по сопствениот идентитет.
Вечерта, пак, имавме можност да уживаме во длабокопромисленото обраќање на Оливера Ќорвезироска и емотивниот говор на Жарко Кујунџиски. Така започна првиот ден од 12. издание на фестивалот на европската литература „Букстар“, кој и годинава во Скопје обединува значајни странски и домашни автори и отвора простор за разговор за книжевноста, културата и за современите општествени предизвици.
Настанот „Колку лајкови се потребни за среќа?“ го модерираа психолозите Розалија Секулоска и Јован Илиески, што на разговорот му даде дополнителна димензија. Покрај книжевноста, се зборуваше и за влијанието на социјалните мрежи, врсничкото насилство и за предизвиците со кои се соочуваат младите во дигиталната ера.
– Сакам да ви порачам дека никогаш не треба да молчите за врсничкото насилство. Во моментот кога сите заедно ќе се кренете против и ќе се спротивставите, тоа ќе престане – беше една од најсилните пораки што Морено им ја упати на учениците.
По разговорот, учениците имаа можност лично да му поставуваат прашања на авторот, да разговараат со него и да добијат потпишани примероци од неговите книги.
По средбата на Морено со учениците, фестивалските случувања се преселија во „Лабораториум“, каде што се одржа дискусијата „Од робот до четбот: Дискусија за ерата која доаѓа“. Може ли вештачката интелигенција да ги замени писателите? Колку авторите веќе ја користат во својата работа? Дали таа ќе им овозможи на помалку квалитетните писатели полесно да стигнат до публика и профит? Ова беа само дел од прашањата за кои, под модераторство на Фросина Пармаковска, разговараа македонските автори Ненад Јолдески, Валентин Нешовски, Соња Станковска и Александар Русјаков.
Потоа следуваше официјалното отворање на фестивалот, на кое се обратија писателката Оливера Ќорвезироска и главниот уредник на издавачката куќа „Антолог“, Жарко Кујунџиски. Во својот говор, Кујунџиски се осврна на слободата како личен, колективен и книжевен простор.
– Книжевноста отсекогаш била третиот елемент во интервалот меѓу првото и второто лице еднина. Писателот има слобода да измисли друг свет, но преку него често ни зборува за вистинскиот свет и во име на некој друг. Да го постави прашањето што никој не се осмелил да го постави. Да ја погледне стварноста од агол од кој не сме ја виделе. Да ни посочи човек кого можеби никогаш не би го забележале. Да ни даде храброст да бидеме сосема друга верзија на себе – нагласи Кујунџиски.
Ќорвезироска го започна својот говор преку лично и носталгично сеќавање на првото значење на зборот „слобода“ за неа, а потоа се осврна и на неговата јазична и семантичка суштина.
– Не постои и не може да постои една единствена слобода никаде, освен во граматиката, која доброволно ѝ се потчинува на семантиката. Слободата секогаш била, е и ќе биде суштинска, нужна множина, зашто има толку слободи колку што има луѓе – нагласи Ќорвезироска.