Македонија се најде меѓу европските пазари со најголем раст на патничкиот воздушен сообраќај во август, покажува најновиот извештај на Европското здружение на аеродроми (ACI EUROPE), кој ги анализира податоците за август 2026 година во споредба со истиот месец минатата година.
Најзначителен раст е регистриран на Скопскиот аеродром, каде што патничкиот сообраќај во август е зголемен за 34,8 отсто во однос на август 2025 година.
Со овој резултат, Скопје е меѓу најбрзорастечките средни аеродроми во Европа, во категоријата на аеродроми со еден до 10 милиони патници годишно.
Во оваа категорија, поголем раст од Скопје имаат само Братислава со 75,9 отсто, Трапани со 52,3 отсто и Подгорица со 47,6 отсто. Палермо, пак, бележи раст од 32,3 отсто.
Македонија е и меѓу пазарите надвор од ЕУ+ со највисок раст на патничкиот сообраќај во август. Покрај земјава, двоцифрен раст имаат и Црна Гора од 28,6 отсто, Албанија од 20,7 отсто, Израел од 19,5 отсто, Ерменија од 14,2 отсто, Молдавија од 12,6 отсто и Узбекистан од 10,5 отсто.
Турција, како најголем пазар во оваа група, продолжува со позитивен тренд, со раст од 4,4 отсто.
Во рамки на пазарот ЕУ+, најголем раст во август е регистриран во Словачка (+61 отсто), Словенија (+19,3 отсто), Естонија (+16,4 отсто), Унгарија (+13 отсто) и Малта (+12,3 отсто).
На другиот крај се Исланд со пад од 9,3 отсто, Австрија со 6 отсто, Франција со 1,7 отсто, Кипар со 1,59 отсто, Норвешка со 0,3 отсто и Германија со 0,2 отсто.
Меѓу најголемите пазари во ЕУ+, најголем раст е забележан во Италија (+5,2 отсто) и Шпанија (+4,7 отсто), при што значаен фактор е туристичката побарувачка. Обединетото Кралство има раст од 0,9 отсто, додека Франција и Германија се под европскиот просек.
На ниво на Европа, патничкиот воздушен сообраќај во август е зголемен за 3,1 отсто, по растот од 3,9 отсто во јули. Тоа претставува забрзување во однос на вториот квартал од 2026 година, кога растот изнесувал 1,3 отсто.
Според ACI EUROPE, на резултатите во вториот квартал влијаеле и последиците од војната на Блискиот Исток, додека во текот на јули и август растот повторно се засилил.
Аеродромите надвор од пазарот ЕУ+ забележале особено силен раст, од 6,6 отсто во јули и 6 отсто во август. Во исто време, аеродромите во ЕУ+ забележале поумерен раст од 3,4 отсто во јули и 2,5 отсто во август.
































