Фото: Министерство за транспорт

Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, престојува во дводневна работна посета на Брисел, каде учествува на официјални средби организирани од Европската комисија.

Како што соопшти Министерството за транспорт, на средбите ќе се разговара за актуелните економски и политички прашања, реализацијата на инфраструктурните проекти, Планот за раст, како и процесот на европска интеграција и проширување на Европската Унија.

 – Овие два дена сум во посета на Брисел, на средби со претставници на Европската комисија, каде што ќе разговараме за актуелните економски и инфраструктурни политики во државата, како и за процесот на интеграција и проширување на Европската Унија и, секако, за Планот за раст – изјави Николоски.

Тој оцени дека Македонија, како што наведе, постигнува значајни резултати во рамки на Планот за раст и е лидер во регионот.

Николоски вечерва ќе учествува и на главната сесија на „Пријатели на Европа“, на која, според неговите информации, ќе присуствуваат околу 200 европски лидери, меѓу кои пет еврокомесари, повеќе од 20 европратеници, премиери, вицепремиери, министри и претставници на бизнис-секторот. Главна тема ќе биде иднината на Европа и Европската Унија и факторите што ќе го определуваат развојот на европскиот континент.

Вицепремиерот утре ќе учествува и на Самитот посветен на транспортните коридори, каде со високи претставници на ЕУ и европските финансиски институции ќе се разговара за развојот на инфраструктурните коридори.

 – Утре ќе бидам дел од транспортниот самит каде што заедно со генералниот директор на Европската инвестициска банка, Роберт де Грот, ќе зборуваме за големите инфраструктурни проекти што ги има Македонија – рече Николоски.

Тој потсети дека Европската инвестициска банка обезбедила грант од 150 милиони евра за изградба на железницата на Коридорот 8 кон Бугарија.

Николоски посочи дека транспортниот самит ќе биде вовед во посетата на претседателката на Европската комисија на Скопје, најавена за петок.

На утрешната сесија на „Пријатели на Европа“ ќе се разговара и за процесот на проширување на ЕУ, во присуство на претставници од Украина, Молдавија и земјите од регионот.

 – Многу е важно земјите членки на Европската Унија да сфатат дека не смеат да ги блокираат земјите кандидати. Се надевам дека ќе има мудрост кај Бугарија и дека Бугарија ќе направи чекор напред и дека ние ќе ги почнеме преговорите за членство во Европската Унија – истакна Николоски.

Тој оцени дека ваквите настани се можност за директна комуникација со носителите на одлуки во Европската Унија и порача дека Македонија ќе продолжи да работи на своите европски аспирации.