Сообраќајот на државните патишта низ земјава утрово се одвива непречено и по суви коловози, информира Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).
Зголемен интензитет на сообраќај е забележан на патните правци надвор од урбаните средини, како и на дел од граничните премини.
На граничниот премин Табановце, на влез во државата, и на Богородица, на излез од земјата, се евидентирани поголеми колони возила, при што времето на чекање се движи од околу 30 минути до еден час. На останатите гранични премини од македонска страна засега нема подолги задржувања.
Од АМСМ апелираат до возачите да ја приспособат брзината на движење кон условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да возат внимателно, особено на делниците што минуваат низ котлини, речни долини и клисури, каде што постои можност од појава на одрони.
Како патни правци на кои е потребна дополнителна претпазливост се издвојуваат делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
































