Во Полициската академија во Идризово денеска свечено беа промовирани 496 нови полициски службеници од генерацијата 2025–2026, кои дадоа заклетва и официјално се приклучија на Министерството за внатрешни работи.
На свеченоста, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски порача дека полициската професија не завршува со истекот на работното време, туку претставува животен избор што бара храброст, чесност, смиреност и човечност.
– Со денешната заклетва не добивате само работно место, туку преземате голема одговорност и чест да ја носите униформата која граѓаните ја препознаваат како симбол на редот, законот и безбедноста – истакна Тошковски.
Тој нагласи дека силните институции се темел на стабилна држава и оцени дека безбедноста е предуслов за економски развој, правна сигурност и подобар квалитет на живот.
Во своето обраќање, министерот посочи дека Министерството спроведува процес на модернизација на полицијата преку изградба и реконструкција на полициски станици, набавка на нова опрема и возила, подобрување на условите за работа и дигитализација на услугите.
– Македонија денес има најнизок криминалитет во последните 20 години. Тоа е резултат на посветената работа на полициските службеници, но и на реформите и модернизацијата што ги спроведуваме – рече Тошковски.
Тој додаде дека новата генерација покажала високо ниво на дисциплина и професионалност за време на обуката, која за првпат се реализирала во целосно обновени услови, а Центарот за обука во Идризово прераснува во Полициска академија со меѓународна акредитација.
Помошник-министерот на Полициската академија, Влатко Митковски, истакна дека ова е првата генерација обучена според нов модел на основна полициска обука, организирана во три специјализирани модули: општа надлежност и сообраќај, гранични работи и специјални полициски операции.
Тој нагласи дека покрај стекнатите професионални знаења, кандидатите покажале и високо ниво на општествена одговорност преку хуманитарни акции, донации и крводарителски активности.
– Полициската униформа не е само службено обележје, туку симбол на доверба. Таа доверба се заслужува секој ден со професионално, законито и достоинствено постапување – им порача Митковски на новите полицајци.
На свечената промоција присуствуваа и министерката за образование и наука Весна Јаневска, како и претставници на Министерството за внатрешни работи и Полициската академија.






























