Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, образложувајќи го дополнетиот Предлог-ребаланс на Буџетот за 2026 година пред пратениците, истакна дека ревизијата на буџетските проекции е резултат на променетите макроекономски и фискални услови, како и на потребата од обезбедување дополнителни средства за исполнување на најважните обврски на државата.
Таа нагласи дека со ребалансот се обезбедуваат средства за сервисирање на обврските што произлегуваат од колективните договори, за земјоделството, социјалната заштита, општините и, пред сè, за капитални инвестиции.
Во дополнетиот предлог се вклучени и амандмани со кои се издвојуваат средства за жени земјоделки, воспоставување национална СОС-линија за жртви на родово и семејно насилство, отворање два згрижувачки центри, транспорт на вода за населението во Гостивар, реконструкција на факултети, изградба на дистрибутивни центри и зајакнување на стоковите резерви.
Според министерката, и покрај глобалната економска неизвесност, домашната економија покажува отпорност. Во првиот квартал од годинава бруто-домашниот производ пораснал за 3,1 проценти, додека проектираниот економски раст за целата година изнесува 3,5 проценти. Инфлацијата, според најновите проекции, се очекува да достигне 4,5 проценти.
Во првите шест месеци од годината, буџетските приходи достигнале 169,9 милијарди денари, што е раст од 8,6 проценти во однос на истиот период лани, додека расходите изнесуваат 205,9 милијарди денари. Најголем дел од средствата биле насочени за пензии, здравство, социјална заштита, општините и редовно сервисирање на јавниот долг.
Капиталните расходи во првата половина од годината достигнале 19,4 милијарди денари, што претставува раст од 53,5 проценти во споредба со истиот период минатата година. Средствата се насочени кон инфраструктурни проекти, патишта, железници, комунална и енергетска инфраструктура, училишта, градинки и локален развој.
Со ребалансот, вкупните приходи се проектирани на 379,5 милијарди денари, а расходите на 425,8 милијарди денари. Дополнителните средства ќе бидат насочени кон земјоделски субвенции, железничкиот сообраќај, поддршка на спортот, студентскиот и ученичкиот стандард, руралниот развој, водостопанската инфраструктура и капиталните инвестиции, кои се зголемуваат за 5,8 милијарди денари и ќе достигнат околу 46 милијарди денари.
Буџетскиот дефицит е ревидиран на 4,1 проценти од БДП, а неговото зголемување, според министерката, е резултат на засилените капитални вложувања што треба да го поддржат економскиот раст и реализацијата на стратешките инфраструктурни проекти.






























