Фото: „Нова Македонија“

ПОВОД: ИЗВЕШТАЈОТ НА ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА ЗА ЕФИКАСНОСТА НА МЕРКИТЕ И ПОЛИТИКИТЕ ЗА АДМИНИСТРИРАЊЕ ЛОКАЛНИ ДАНОЦИ, ТАКСИ И НАДОМЕСТОЦИ

 

  • Речиси три милијарди денари останале ненаплатени од страна на општините за време од пет години… Државната ревизија предупредува дека локалната самоуправа не страда само од недостиг од пари туку и од недостиг од ефикасен систем што треба да ги обезбеди тие приходи. Последиците ги чувствуваат граѓаните, преку помалку инвестиции, послаби комунални услуги и забавен локален развој… Санирањето на ефикасноста на локалната самоуправа е во тек, а претстојат длабоки реформи на локално ниво

Кога градоначалниците зборуваат за недостиг од средства, најчесто посочуваат кон државниот буџет и ограничените трансфери што ги добиваат општините. Но најновата ревизија на Државниот завод за ревизија (ДЗР) покажува дека значителен дел од финансискиот проблем не доаѓа однадвор, туку се создава внатре во самиот систем на локалната самоуправа.
Во периодот од 2020 до 2024 година општините не успеале да наплатат речиси три милијарди денари по основ на даноци, комунални такси и надоместоци. Истовремено, отпишале уште 234 милиони денари побарувања. Тоа не се само бројки во финансиските извештаи. Тоа се средства со кои можеле да се реконструираат улици, да се изградат водоводи и канализации, да се модернизираат училишта, градинки и јавна инфраструктура.
Ревизорите затоа испраќаат јасна порака – проблемот не е само во тоа што општините немаат доволно приходи туку и во тоа што не успеваат да ги соберат приходите што законски им припаѓаат.

1. Законите се чекор зад реалноста

Ревизијата покажува дека системот почнува да потфрла уште во законската рамка, а за тоа се наведуваат повеќе конкретни примери.
– Регистрите на недвижности не се ажурираат автоматски, роковите за плаќање на даночните решенија не се доволно прецизирани, а начинот на нивна достава не е јасно регулиран. Дополнително, постојат ограничувања за ревизија на пазарната вредност на имотот. Особено загрижува методологијата за процена на вредноста на недвижностите, која со години не е усогласена со реалните пазарни услови. Во неа не се опфатени современите типови објекти и новите градежни материјали, а цените врз кои се пресметува данокот одамна не ја одразуваат реалната вредност на имотот. Практично, општините сами ја намалуваат својата даночна основа и доброволно се откажуваат од дел од приходите. Уште поилустративен е податокот дека само 15 општини извршиле ревизија на пазарната вредност на недвижностите, иако законска можност постои. Тоа значи дека исти типови имот во различни општини се оданочуваат според различни критериуми – велат наши соговорници, овластени ревизори со кои го разгледавме извештајот на Државниот завод за ревизија за ефикасноста на мерките и политиките за администрирање локални даноци, такси и надоместоци.

2. Недоволен фискален напор

Најсилната порака во ревизорскиот извештај се однесува на таканаречениот „фискален напор“ на општините.
– Од ненаплатените побарувања за данок на имот, дури 67 проценти се постари од пет години. Таквите долгови речиси секогаш стануваат потешки за наплата, а некои од нив со текот на времето завршуваат во отпис. Ревизорите констатираат дека општините не ги користат доследно сите механизми што им ги дозволува законот – навремена наплата, пресметување законска камата и присилна наплата. Тоа отвора прашање дали проблемот е само во законите или и во административната подготвеност на локалните власти да ги спроведуваат постојните прописи- констатираат нашите соговорници.

3. Дигитализацијата е неопходно да се прифати!

Во време кога дигитализацијата треба да го олесни управувањето со јавните финансии, голем број општини работат со системи што не комуницираат меѓу себе.
– Различните софтверски решенија, нецелосните електронски бази и регистрите што сè уште се водат на хартија создаваат ситуација во која администрацијата нема целосен увид ниту во даночните обврзници ниту во нивните долгови. Ревизијата укажува дека дел од најкористените софтверски системи воопшто не можат да покажат колку од наплатените средства се однесуваат на тековните обврски, а колку на старите долгови. Без такви информации е речиси невозможно да се направи реална анализа на успешноста на наплатата – констатираат нашите соговорници ревизори.
Тие додаваат дека напорите на Министерството за дигитална трансформација се извонреден начин за напредок и на локалната самоуправа.
– Проектите за дигитализација треба целосно да се поддржат и прифатат, затоа што тоа е еден од столбовите за реформи и трансформација на локалната самоуправа – издвојуваат нашите соговорници.

4. Комуналните такси – неискористен извор на приходи

Особено е впечатлив податокот дека од осум законски предвидени комунални такси, само три се администрираат во повеќе од половина од македонските општини. Тоа значи дека значителен дел од локалните приходи практично останува неискористен. Во некои од општините таксите се наплатуваат без формални решенија, без целосни регистри на обврзници и без систем што гарантира еднаков третман за сите.

Помалку приходи значат помалку услуги

Фискалниот капацитет на една општина не е апстрактен економски показател. Тој директно определува колку ќе се инвестира во локалната инфраструктура, колку често ќе се реконструираат улиците, дали ќе има нови паркови, јавна расвета, водоводни линии или детски градинки.
– Во оваа смисла, како што е наведено во извештајот, не може а да не се забележат речиси три милијарди денари ненаплатени приходи. Тие не се само административен пропуст. Тие претставуваат изгубени можности за локален развој. Особено се ранливи руралните општини, кои според ревизијата генерално располагаат со послаб фискален капацитет. Исклучок се Петровец, Илинден и Чучер Сандево, кои покажуваат подобри резултати во обезбедувањето сопствени приходи – велат нашите соговорници, кои сублимирано ни образложуваат за битни поенти на извештајот на ДЗР.

Реформата не може веќе да се одложува

Извештајот на Државниот завод за ревизија не е само критика на работата на општините. Тој претставува предупредување дека сегашниот систем повеќе не може да обезбеди стабилно локално финансирање. Потребна е уште поголема координација на локално и на централно ниво, иако навистина се чувствува голем исчекор.
– Без модерни закони, ажурирани регистри, интегрирани информатички системи, доволен број стручен кадар и доследна примена на механизмите за наплата, локалните буџети ќе продолжат да губат милиони. А секој изгубен денар во општинската каса на крајот се претвора во неизградена улица, нереновирано училиште или комунална услуга што граѓаните оправдано ја очекуваат, а не ја добиваат. Токму затоа пораката од ревизијата може да се сведе на една реченица: општините не смеат да ги губат сопствените пари. Реформите треба да продолжат со уште поголема динамика и во повеќе сфери со здрава, вертикална координација на власта, еден вид партнерство меѓу централната и локалната власт и усогласување на политики и мерки, заради тоа што двете нивоа на власт работат кон исти цели, за просперитет и благосостојба на сите граѓани – истакнуваат на крајот нашите соговорници. Е.Р.