Центарот за безбедносни студии – Скопје ја организира Првата меѓународна безбедносна конференција (Skopje Security Conference 2026), на 19 јуни годинава, во Скопје.
Конференцијата е замислена како меѓународна платформа на високо ниво, посветена на современите безбедносни предизвици во услови на брзи глобални промени. Настанот ќе обедини носители на политики, министри, амбасадори и водечки експерти, кои ќе разговараат за влијанието на технолошката трансформација, геополитичките поместувања, економската нестабилност и еколошките притисоци врз глобалната и регионалната безбедност. Посебен акцент ќе биде ставен на улогата на вештачката интелигенција во одбраната и сајбер-безбедноста, влијанието на геополитичката фрагментација, како и потребата од отпорни општества способни да одговорат на сложени и хибридни закани.
-Конференцијата е структурирана преку серија тематски панели кои опфаќаат клучни области, како мултилатералната соработка, хибридните закани и когнитивното војување, примената на вештачката интелигенција во современото војување, безбедносните ризици поврзани со климатските промени, како и економската отпорност на Западниот Балкан. Целта е да се отвори нов пристап кон тоа како државите и институциите ја штитат критичната инфраструктура, демократските системи и природните ресурси, усогласувајќи ја дискусијата со приоритетите на големите меѓународни актери, како НАТО, Европската Унија и Обединетите нации – вели проф. д-р Марина Малиш Саздовска, член на советодавниот одбор на Центарот за безбедносни студии – Скопје.
Со позиционирањето на Скопје како регионален центар за стратешки дијалог, настанот, според организаторите, има за цел да поттикне соработка меѓу различни сектори и дисциплини, охрабрувајќи сеопфатен и визионерски пристап кон безбедноста, кој ги поврзува технологијата, геополитиката и одржливоста.


































