Фото: Пиксабеј

Здрава храна

Некои вообичаени видови храна можат да имаат моќни позитивни ефекти врз нашето здравје. Еве една од нив што вреди да се додаде повеќе во исхраната. Никогаш порано не сме можеле да избираме од толку многу различни видови храна. Понекогаш може да биде тешко да се знае на кои хранливи материи да им се даде приоритет на дневна основа – дали треба да се фокусираме повеќе на протеини, влакна или витамин Ц. За да ни го олеснат тоа, истражувачите анализираа повеќе од 1.000 вида свежа храна и ги рангираа оние што обезбедуваат најдобар баланс на дневните нутритивни потреби.
Една од нив е блитвата. Овој лиснат зеленчук е редок диететски извор на беталаини, фитохемикалија со „неврозаштитни“ квалитети. Тоа значи дека тие можат да помогнат во заштитата на нервниот систем од оштетување и ефектите од стареењето.
– Блитвата содржи нитрати, кои му помагаат на телото да произведува азотен оксид, сигнална молекула што го подобрува здравјето на нашата циркулација – вели Вилијам Ли, претседател и медицински директор на фондацијата „Ангиогенеза“, американска непрофитна организација за превенција од болести.
Ли додава дека тоа помага во намалување на крвниот притисок, го подобрува протокот на крв и ја лекува обвивката на крвните садови, која може да се оштети за време на стареењето.
Блитвата содржи и полифеноли, вклучувајќи кверцетин, кемпферол и изорамнетин, кои се моќни антиоксиданти што ги штитат нашите клетки и помагаат во намалувањето на воспалението.