Фото: Министерство за финансии

 На предлог на Министерството за финансии, Владата ја усвои Стратегијата за управување со јавниот долг за периодот 2027–2029 година, со проекции до 2031 година.

Од Министерството за финансии соопштија дека документот ја потврдува определбата за одговорно управување со јавните финансии, одржување стабилно ниво на јавниот долг и обезбедување средства за реализација на развојни и инфраструктурни проекти.

Според проекциите во стратегијата, јавниот долг до 2031 година ќе се намали на 56,1 процент од бруто-домашниот производ и ќе остане под утврдениот праг од 60 проценти.

Документот ги дефинира насоките за финансирање на буџетските потреби, сервисирање на постојните обврски и реализација на капитални инвестиции, при што фокусот е ставен на зачувување на фискалната стабилност и одржливоста на јавните финансии.

Во наредниот период дел од средствата ќе бидат насочени кон тековни инвестиции и инфраструктурни проекти, додека дел ќе се користат за отплата и рефинансирање на претходно преземени долгови.

Според податоците во стратегијата, за отплата по основ на претходно издадени еврообврзници доспеваат 500 милиони евра во 2027 година, 700 милиони евра во 2028 година и уште 500 милиони евра во 2030 година.

Од Министерството наведуваат дека среднорочната политика за управување со јавниот долг има цел да обезбеди финансиски средства под најповолни услови, со внимателно управување со ризиците и понатамошен развој на домашниот финансиски пазар.

Последните податоци покажуваат дека заклучно со 30 април 2026 година државниот долг изнесува 51,5 проценти од БДП, што претставува намалување од 0,4 процентни поени во однос на крајот на март. Во апсолутен износ, долгот е намален од 9,473 милијарди евра на 9,398 милијарди евра. Јавниот долг, според последно објавените податоци, на крајот на март изнесувал 58,9 проценти од БДП.