КУГЛАЊЕ
- За вториот медал се погрижија Стефанија Алексовска и Андреа Велјаноска во дисциплината тандем жени до 23 години, а претходно Алексовска и Дарко Јовановски го освоија среброто во дисциплината тандем микс до 23 години
Македонските кугларски надежи со два сребрени медала се вратија од Светското првенство (СП) за куглари до 23 години во Швац (Австрија). За второто сребро се погрижија Стефанија Алексовска и Андреа Велјаноска во дисциплината тандем жени. За Алексовска ова беше втор сребрен медал од ова СП, а патем во поединечна конкуренција постигна и нов личен рекорд со 634 соборени кегли.
– Се надминаа себеси. Изиграа врвно во клучните мигови, со исклучителна ментална моќ да одолеат на притисокот, токму она што ни недостигаше во минатите години. Добиените дуели со најдобрите кугларки од Хрватска, Полска, Чешка во четврт-финалето и Романија во полуфиналето, говорат многу, а во финалето против Словенија немавме сили да славиме и да бидеме први. Не само што сум горд туку дефинитивно со овој спортски подвиг напишавме македонска кугларска историја. Честитки до освојувачите на медалите – рече селекторот Игор Михајловски.
Претходно Алексовска и Дарко Јовановски го освоија среброто во дисциплината тандем микс до 23 години. Тие стигнаа до медалот победувајќи ја Романија, потоа Чешка во полуфиналето, а во финалето беа поразени од Словенија. Сето ова многу радува, ако се знае дека последен пат во оваа дисциплина беше освоен медал во 2014 година.
Во Швац вчера почна и поединечното СП за сениори, кое ќе се игра по пат на елиминации (дуел-систем), на кое ќе настапат и македонски куглари. Последниот голем сениорски успех, но во екипна конкуренција, беше остварен во 2013 година, кога Македонија освои сребро во Залаегерсаг (Унгарија), што беше фантастичен успех, а лани во Секешфехервар (Унгарија) беше одлична петта. Г.И.


































