Извештајот на ЕК во кој Македонија доби чиста препорака за почнување преговори за членство е патоказ кој ни покажува во кој правец понатаму треба да се движиме. Во Извештајот има позитивни, но и негативни забелешки, а нашата нова цел е мошне блиску. Тоа е јунскиот Самит на ЕУ каде очекуваме да добиеме датум за почеток на преговорите.
Ова го порача денеска вицепремиерот задолжен за евроинтеграции, Бујар Османи на презентацијата на „Компаративна анализа-извештаи на Европската комисија за Македонија 2014-2018“ изготвена од Евротинг-Центар за европски стратегии и Фондацијата Отворено општество Македонија.
Османи нагласи дека во претстојниот период Владата влегува со новиот план 18 што ќе биде фокусиран на она што треба да се стори до јунскиот Самит.
– Фокусот сега ќе биде ставен на хармонизација на македонското законодавство со европската легислатива, но секако на политичките и економските критериуми. Над 90 проценти од Планот 3-6-9 се реализирани, но тој во суштина е реализиран сто отсто – рече Османи и додаде дека не случајно овој назив бил избран за планот.
Тоа, според него, не било со цел да се прави пи-ар стратегија, туку самата Влада врз себе да си изврши притисок за да го оствари во зададен временски рок она што беше содржано во него.
Нагласувајќи ја успешноста на 3-6-9 Османи рече дека во целиот процес секогаш биле земени во предвид ставовите на граѓанските организации.
Османи напомена оти Владата не бара екслузивност во процесот за влез на земјата во ЕУ.
– Тој ги надминува мандатите и надлежностите на една Влада. Проектот ЕУ е одговорност на сите чинители, на сите политички партии. Не сакаме политички да профитираме од проектот со ЕУ. Ова е прашање за идните генерации, а не прашање за идните избори – истакна вицепремиерот.