Американскиот Сенат го блокираше обидот на демократите да ја ограничат воената кампања на претседателот Доналд Трамп против Иран, јавува Ројтерс.
Со 52 гласа „против“ и 47 „за“, сенаторите одбија да ја поддржат резолуцијата со која се бараше прекин на воените дејства додека не добијат одобрение од Конгресот.
Гласањето покажува дека мнозинството републиканци и натаму ја поддржуваат политиката на Трамп, повеќе од шест недели по почетокот на воздушните напади врз Иран.
Ова е четврти обид на демократите да изгласаат ваква мерка од почетокот на конфликтот, но сите досегашни иницијативи пропаднаа поради противење од речиси сите републиканци.
Единствениот републиканец кој гласаше „за“ беше Ранд Пол, додека единствениот демократ кој се спротивстави беше Џон Фетерман. Сенаторот Џим Џастис не учествуваше во гласањето.
Иако Уставот на САД предвидува Конгресот да има клучна улога во одобрувањето на војна, претседателите од двете партии со години тврдат дека тоа не важи за краткорочни воени операции или во услови на непосредна закана.
Во меѓувреме, Трамп изјави дека конфликтот е „блиску до крај“, додека дипломатските напори продолжуваат, вклучително и обиди за посредување од страна на Пакистан.

































