ФУДБАЛ
- Ќе играат 48 репрезентации (четири дебитанти), првпат во три земји домаќини, предвидени се 104 меча, во 16 града, турнирот ќе трае и рекордни 39 дена, а новиот формат вклучува 12 групи, пишува „Би-би-си“. Првиот меч на СП 2026 е Мексико – Јужна Африка, на 11 јуни (од 21 часот)
Учесниците на Светското првенство (СП) во фудбал годинава се комплетираа со одигрувањето на шесте плејоф-дуели, по кои на Мундијалот ќе играат и ДР Конго, Ирак, Босна и Херцеговина, Турција, Шведска и Чешка. Со ова беше заокружен маратонскиот квалификациски циклус што почна во септември 2023 година и опфати шест конфедерации пред да кулминира со мечевите во европскиот и во интерконтиненталниот плејоф, пишува „Би-би-си“.
Во глобалниот квалификациски циклус се одиграа вкупно 899 натпревари во текот на 937 дена, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Со потврдениот целосен состав, вниманието сега се насочува кон најголемото светско фудбалско првенство досега, со учество на 48 репрезентации и првпат во три земји домаќини. Првиот меч на СП 2026 ќе биде дуелот Мексико – Јужна Африка на стадионот „Ацтека“ во Мексико Сити, на 11 јуни (од 21 часот). Предвидени се 104 меча, во 16 града, турнирот ќе трае и рекордни 39 дена, а новиот формат вклучува 12 групи од по четири земји. Двете најдобри репрезентации од 12-те групи и осумте најдобри третопласирани ќе продолжат во проширена нокаут-рунда. Новиот светски шампион ќе биде познат по дуелот на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси на 19 јули.
Натпреварите ќе се играат во четири временски зони, ќе има вкупно 13 различни времиња на почеток, а тоа значи дека за гледачите во Европа некои натпревари ќе се играат по полноќ, пишува „Би-би-си“. Четири репрезентации се подготвени да го имаат своето деби на светско фудбалско првенство, и тоа Курасао, Зелено`ртската Република, Узбекистан и Јордан. По долга пауза на СП се враќаат Хаити, ДР Конго (претходно учество во 1974 година), Ирак (1986), Норвешка, Австрија, Шкотска (1998)… Бразил е единствен што учествувал на сите мундијали, вкупно 23, Германија ќе настапи 21. пат (19 во низа), Аргентина 19. пат (14 по ред), Шпанија 17. пат…
Се очекува повеќе од шест милиони гледачи да ги наполнат стадионите за време на турнирот, а дополнително, се очекува околу шест милијарди луѓе низ светот да се вклучат во натпреварувањето преку различни медиуми, пишува ФИФА. Н.М.
СП 2026, ДВОЈКИ, 1. КОЛО
Група А
Мексико – Ј. Африка 11 јуни, 21 ч.
Ј. Кореја – Чешка 12 јуни, 4 ч.
Група Б
Канада – БиХ 12 јуни, 21 ч.
Катар – Швајцарија 13 јуни, 21 ч.
Група Ц
Бразил – Мароко 14 јуни, 0 ч.
Хаити – Шкотска 14 јуни, 3 ч.
Група Д
САД – Парагвај 13 јуни, 3 ч.
Австралија – Турција 14 јуни, 6 ч.
Група Е
Германија – Курасао 14 јуни, 19 ч.
БСК – Еквадор 15 јуни, 1 ч.
Група Ф
Холандија – Јапонија 14 јуни, 22 ч.
Шведска – Тунис 15 јуни, 4 ч.
Група Г
Белгија – Египет 15 јуни, 21 ч.
Иран – Нов Зеланд 16 јуни, 3 ч.
Група Х
Шпанија – Зелено`ртска Р. 15 јуни, 18 ч.
С. Арабија – Уругвај 16 јуни, 0 ч.
Група И
Франција – Сенегал 16 јуни, 21 ч.
Ирак – Норвешка 17 јуни, 0 ч.
Група Ј
Аргентина – Алжир 17 јуни, 3 ч.
Австрија – Јордан 17 јуни, 6 ч.
Група К
Португалија – ДР Конго 17 јуни, 19 ч.
Узбекистан – Колумбија 18 јуни, 4 ч.
Група Л
Англија – Хрватска 17 јуни, 22 ч.
Гана – Панама 18 јуни, 1 ч.
































