Министерот за здравство Азир Алиу соопшти дека по повеќе од една деценија е ажурирана листата на есенцијални лекови, која претставува клучен инструмент за обезбедување критични терапии за јавното здравје и за овозможување нивно покривање преку здравственото осигурување. За првпат, на оваа листа се вклучени лекови за контрацепција, како и препарати за никотин-заменска терапија, а ажурирањето овозможува усогласување со современите клинички стандарди и подобар пристап до нови и ефикасни терапии, пренесе МИА.
Алиу информираше дека процесот на ажурирање започнал кон крајот на 2025 година, во рамки на Националната платформа за лекови под водство на Министерството за здравство, со поддршка на Светска здравствена организација. Во процесот биле вклучени претставници од релевантни институции, академската заедница, пациентски организации и фармацевтската индустрија. Како основа била користена листата на есенцијални лекови на СЗО, која се ажурира на секои две години од страна на Експертскиот комитет за селекција и употреба на есенцијални лекови.
-Инаку, со новиот закон за лекови предвидуваме ажурирање на оваа листа на две години, согласно праксата на СЗО, што дополнително придонесува кон предвидливост и одржливост на системот за обезбедување лекови. Нашата цел е листата на есенцијални лекови да ги одразува современите терапевтски стандарди и новите лекови кои се докажани како клучни за јавното здравје, а воедно да овозможи поголема достапност до современи и ефективни терапии. Им благодарам на сите вклучени во овој процес за нивниот професионален и посветен ангажман. Продолжуваме да градиме здравствен систем, кој е во чекор со современите стандарди и во функција на здравјето на граѓаните – додаде Алиу.
Шефот на канцеларијата на СЗО, Аким Али, истакна дека по една деценија е извршена ревизија на листата, која е усогласена со глобалната листа на организацијата и претставува основа за задоволување на потребите на пациентите и јавното здравство.
-Особено задоволство ми е што овој пат листата се осврнува не само на лекувањето, туку и на превенцијата со тоа што содржи никотинска заменска терапија и контрацептиви. Сето ова е темел на здравствената заштита. Иако оваа листа не е исто со позитивната листа сепак ми е мило што националната листа на лекови е усогласена со платформата на СЗО, им ги става на располагање овие лекови на пациентите. На ова работиме уште од 2024 година со поддршка на СЗО и политичкото водство, со министерот и работната група посветено се работеше и ова е многу важен чекор на патот кон постигнување универзална здравствена заштита – додаде Али.
Координаторот на работната подгрупа во Националната платформа за лекови, проф. д-р Зоран Стерјев, посочи дека листата ги опфаќа најнеопходните лекови за лекување на најчестите и приоритетни заболувања.
-Во есенцијалната листа за првпат имаме никотинска заменска терапија. Тоа се фластери и никотински гуми за џвакање, а има и едно контрацептивно средство. Направена е реорганизација и на антиинфективните лекови, зголемен е нивниот број на листата. Има значително зголемување на бројот на лекови на листата кои делуваат на CMS заболувањата – посочи проф. д-р Стерјев.
Тој појасни дека од 32 групи лекови на модел-листата на СЗО, со исклучок на стоматолошките, сите се опфатени и во националната листа. Воедно ја објасни и разликата меѓу есенцијалната и позитивната листа на лекови, кои се покриваат од Фонд за здравствено осигурување.
-Меѓутоа, заради можноста да се појават одредени заболувања, тие мора да бидат присутни во државата во одредени количини кои ќе овозможат лекување на таквите заболувања. Есенцијалната листа ги содржи најесенцијалните лекови кои се користат во третман на заболувањата. На пример на листата има пет антиепилептици кои се користат како лекови од прв избор за третман на различни епилептични синдроми. На позитивната листа покрај есенцијалните лекови има и други лекови за кои во одреден момент ФЗО има средства да ги покрие и да станат достапни за граѓаните преку Фондот. Многу висок процент од лековите на есенцијалната листа ги има и на позитивната листа – додаде проф. д-р Стерјев.































