Министерот за здравство Азир Алиу денеска на прес-конференција изјави дека злоупотребата со дополнителното работно време кај одредени лекари има административен карактер и треба да се реши системски, нагласувајќи дека не станува збор за клиничка злоупотреба. Тој потенцираше дека не треба да се создава сензација со објавување имиња на лекари и институции, бидејќи тоа нема да помогне во надминување на проблемот, пренесе МИА.
Одговарајќи на новинарски прашања, Алиу посочи дека одржувал редовни месечни средби со директорите на клиниките, при што била изразена загриженост и од страна на раководствата и од Министерството, но и од здравствените работници. Според него, постојниот систем е премногу флексибилен и овозможува одредени вработени да го злоупотребуваат.
-Веќе знаете сите се вознемирени кога во фелата во која што работат има процеси кои што можат да влијаат негативно или кон нив како експерти поврзани со здравствениот систем или кон довербата кон докторите и кон здравствениот систем. Заедно со експертски тим ќе работиме понатаму и во новиот закон кој што веќе на енер ставивме дел кој ќе лимитира некои ограничувања кои беа полабави сега ќе бидат поефикасни. Но, од другата страна ќе бидат додефинирани тие процеси кој што не се добро дефинирани – рече Алиу.
Тој нагласи дека заедничката цел на Министерството, директорите и вработените е да се создаде транспарентен и ефикасен здравствен систем во кој граѓаните ќе имаат доверба.
-Целта реално е иста и на директорите и на вработените и на Министерството, да имаме здравствен систем, кој што ќе биде транспарентен, ќе нуди здравствени услуги во реално време и здравствен систем во кој што ќе имаат доверба сите наши граѓани. Свесни сме дека овој процес не може да се заврши и довербата да се врати брзо – истакна Алиу.
Во однос на објавувањето имиња на лекари и клиники поврзани со злоупотребите, министерот потенцираше дека тоа не е решение.
-Ние не се плашиме да кажеме пред вас и пред граѓаните дека да, имаме проблем. Цениме дека тоа ни е првиот чекор за решавање на проблемот, соочување со проблемот и добро дефинирање на проблемот. Исто така не сакаме од прес-конференција да направиме сензации и да спомнуваме имиња на институции или на доктори, веќе това нема да влијае кон решавање на проблемот – додаде Алиу.
Тој очекува процесот да заврши административно, со акцент на стабилизирање на системот и поставување јасни правила, наместо краткорочен медиумски ефект.
-Тоа не е клиничка злоупотреба, тие се ислучително големи експерти. Работат и таа експертиза што ја имаат во клинички процес е препознаена и од Комората, и од универзитетите, и од фелата, и не смееме да ги поврземе тие две работи. Не се работи за нестручен пристап кон клиничките процеси, туку се работи за административна процедура која што за жал и во законот не е добро дефинирана, значи толку е лабава и ние исто така треба да рефлектираме како Министерството кое што креира и прави закони. Законите мора да бидат добро дефинирани и да не овозможуваат системот да им нуди некаков тип на злоупотреба, намерна или ненамерна – подвлече Алиу.
Министерот додаде дека процесот е во тек и дека се врши компаративна анализа, како од страна на системот за е-здравство, така и преку документацијата на клиниките. Во него се вклучени и експерти кои работат на креирање и ревизија на законските решенија, со цел да се утврди кои прописи треба да се изменат и кои членови да се прецизираат, за во иднина да не се дозволи ваков тип на злоупотреби во организирањето на платите во здравствениот систем.































