Фото: Влада

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска изјави дека јавноста има право да знае како се одвивале процесите поврзани со „оживувањето“ на предметите на Специјално јавно обвинителство, во период кога поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева веќе била во затвор. Тој постави прашања и за тоа како десетици луѓе биле судени за тероризам, како функционирале заштитените сведоци во случаите поврзани со 27 април 2017 во Собранието, како и за постапките поврзани со пожарот во модуларната болница во Тетово, како и случаи од енергетиката и финансирањето на политичари,  пренесе МИА.

-Очекувам од новиот јавен обвинител во јавноста да излезе со став како „затвореникот тогашен Катица Јанева ги пренесе своите овластувања и ги оживеа предметите од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО). На кој начин и како беше тоа направено. Македонската јавност и граѓаните заслужуваат да знаат бидејќи тие ги плаќаа оние скапи милионски хонорари за тие т.н. обвинители кои беа дел од СЈО. Тоа треба да го знае македонската јавност бидејќи тоа се плаќаше од народните пари, а резултатот знаеше каков беше – заврши со една Луи Витон торба полна со банкноти со странска валута. Така заврши неславно тоа, кое требаше да биде симбол на правдата, а граѓаните кои го финансиираа тоа мора да ја знаат вистината – рече Мицкоски.

Премиерот истакна дека јавноста мора да ја знае и вистината за судењата за тероризам поврзани со настаните од 27 април, како и начинот на кој функционирале заштитените сведоци.

-Македонските граѓани мора да го знаат тоа. Не можеме да одиме напред ако вистината не се знае, и дали постојат т.н. заштитени сведоци кои под присила давале искази од страна на одредени лица од судството и од обвинителството кои биле вклучени во тој процес за 27 април. Тоа мора да го знае македонската јавност ако сакаме да одиме напред – рече премиерот.

Како трето, Мицкоски посочи дека сите поднесоци од институциите, заедно со оние од Државниот завод за ревизија, кои се наоѓаат во обвинителството, а биле задржани без постапка, треба да се разгледаат и процесуираат.

-Доколку ова не се случи, јас не гледам дека во иднина некој може да биде заштитник на правдата. Како Модуларната болница се случи, зошто се случи, зошто се пренесуваа ингеренциите, дали сите се прифатени, како се случија многу случаи во делот на енергетиката, во делот на јагленот, дали постојат фирми кои што спонзорирале одредени политичари, нивни возила, имоти итн…Како се случија многу работи во минатото? Сето ова е документирано и поднесено во обвинителството. Тоа што не сме правеле естрада од сето ова, тоа е друга работа, но факт е дека е таму и очекувам од новиот државен јавен обвинител и неговиот тим да се позанимава – рече Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека доколку нема доволен капацитет за отворање на сите случаи, Владата е подготвена да одобри нови вработувања во правосудниот систем, како што веќе дала согласност за 200 нови вработувања во судовите, така ќе даде согласност и за вработувања во обвинителството.

Засега, како што посочи, не е планирана средба со новиот државен јавен обвинител.

Во однос на одземањето на ингеренциите на обвинителката Ленче Ристовска за случаи поврзани со ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски рече дека станува збор за одлука на обвинителството.

-Тоа е одлука на обвинителството. Јас немам што да коментирам тука, можеби треба нив да ги прашате – рече Мицкоски, кој денеска престојуваше во Гази Баба.