Фото: Фејсбук

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД очекуваат да ја „довршат работата“ во Иран во рок од две до три недели.

Говорејќи во Белата куќа, Трамп посочи дека операциите би можеле да завршат „за можеби две недели, или неколку дена подолго“.

На прашање од новинарите кога САД ќе бидат „надвор или ќе ја завршат војната“ во Иран, тој одговори: „Мислам за две или три недели“.

-Ќе си заминеме затоа што нема причина да го правиме ова – додаде Трамп.

Тој нагласи дека промената на режимот во Техеран не била првична цел, туку спречување на развој на нуклеарно оружје.

-Имав една цел – да нема нуклеарно оружје, и таа цел е остварена. Тие нема да имаат нуклеарно оружје. Но, ја довршуваме работата и сакаме да го уништиме секој поединечен објект што го имаат – изјави Трамп.

Воедно, тој не ја исклучи можноста за дипломатско решение, додавајќи дека „можно е да се постигне договор и пред тоа“.

Според информациите, САД и Израел изведуваат напади врз Иран од 28 февруари, додека Техеран возвраќа со напади кон Израел и кон земји во регионот каде што има американско воено присуство.