Први април, Денот на шегата, традиционално е посветен на хуморот, смеата и веселите, безопасни шеги. И во Скопје, овој ден и годинава ќе помине во ведар дух, исполнет со детски маски, креативност и уметност.
Во центарот на вниманието ќе биде „Априлијада“, традиционалната детска манифестација што ЈУ Детски културен центар „Карпош“, под покровителство на Град Скопје, ја организира со почеток во 10:30 часот во Градскиот трговски центар. Поради временските услови, настанот ќе се одржи во ГТЦ. Програмата предвидува дефиле на маскирани деца, танцови и музички настапи, а посетителите ќе можат да уживаат и во настапи на кловнови, маскоти и други забавни содржини што ќе создадат вистинска празнична атмосфера.
Во знакот на Денот на шегата е и ОСТЕН, кој и оваа година април го одбележува како месец на хуморот и сатирата, со програма посветена на карикатурата и сатиричната уметност.
Први април останува убав потсетник дека хуморот, играта и креативноста имаат моќ да ги зближат луѓето и барем за миг да го направат секојдневието полесно и повесело.
































