ФУДБАЛ
- Програмата за комерцијално партнерство на СП 2026 е на пат да генерира ниво на приходи што ги надминува претходните циклуси на светски првенства со значителна маргина, на Мундијалот се очекуваат повеќе од шест милиони гледачи и приближно шест милијарди луѓе на сите платформи, со што овие невидени размери го позиционираат натпреварувањето за редефинирање на глобалниот спортски пејзаж, пишува ФИФА
Светската фудбалска федерација (ФИФА) потврди дека сите глобални спонзорски пакети за годинашното Светско првенство (СП) се продадени, што е голема пресвртница за комерцијалната програма на турнирот, пишува ФИФА.
– Ова е веќе најуспешната комерцијална програма во историјата на ФИФА и ние уште градиме динамика. Видовме невиден интерес од брендови низ целиот свет и само со две преостанати регионални можности очекуваме овие последни позиции да бидат пополнети многу наскоро – рече главниот директор за бизнис на ФИФА, Роми Гаи, зборувајќи на конференцијата „Бизнис на фудбалот“ во Атланта, пренесе ФИФА.
Програмата за комерцијално партнерство на СП 2026 има експоненцијален раст и е на пат да генерира ниво на приходи што ги надминува претходните циклуси на светски првенства со значителна маргина, пишува Светската фудбалска федерација.
– Овој успех е поткрепен со новиот модел на комерцијално партнерство лансиран во 2023 година, кој им нуди на партнерите поголема флексибилност, приспособување и иновативни средства. Програмата обединува светска класа на комерцијални партнери, вклучувајќи водечки глобални и регионални брендови од различни индустрии и локации, а од долгогодишни партнери на ФИФА до возбудливи нови учесници, програмата ги одразува глобалниот дострел и привлечноста на фудбалот. На СП 2026 ќе играат 48 репрезентации, ќе има 104 меча во 16 града во Канада, Мексико и во САД, се очекува повеќе од шест милиони гледачи да присуствуваат на натпреварите и приближно шест милијарди луѓе да се вклучат во турнирот на сите платформи, со што овие невидени размери го позиционираат натпреварувањето за редефинирање на глобалниот спортски пејзаж – пишува ФИФА на својата интернет-страница.
Бидејќи ФИФА е непрофитна организација, приходите што ги генерира од СП се реинвестираат за да се поттикне растот на фудбалот, машкиот, женскиот и младинскиот фудбал, низ 211-те асоцијации членки на ФИФА низ целиот свет, пишува Светската фудбалска федерација. Н.М.































