ФУДБАЛ
- Ова е важен пилот-проект. Со тестирање на ова ново толкување во професионално натпреварување можеме подобро да го разбереме неговото влијание, и во однос на подобрување на јасноста и текот на играта и во однос на промовирање на напаѓачката игра. Со нетрпение очекуваме да ги анализираме резултатите од пробната фаза, рече Арсен Венгер, шефот на ФИФА за глобален развој на фудбалот. Тестот одобрен од ИФАБ ќе почне в сабота, со првото коло во канадската фудбалска Премиер-лига
Во соработка со Светската фудбалска федерација (ФИФА), канадската Премиер-лига в сабота, кога ќе почне сезоната во таа лига, ќе тестира алтернативно правило за офсајд на професионално ниво, објави ФИФА.
Иницијативата следува по дискусиите на 140-то годишно општо собрание на Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ), каде што беа одобрени пошироки мерки за подобрување на темпото на натпреварите и намалување на губењето време, а беа дадени и ажурирања за тековните случувања во технологиите и тестот поврзани со правилото за офсајд. Тестот, предводен од ФИФА и одобрен од ИФАБ, ќе го тестира таканаречениот принцип на „дневна светлина“, промена дизајнирана да фаворизира напаѓачка игра.
– Ова е важен пилот-проект. Со тестирање на ова ново толкување во професионално натпреварување можеме подобро да го разбереме неговото влијание, и во однос на подобрување на јасноста и текот на играта и во однос на промовирање на напаѓачката игра. Со нетрпение очекуваме да ги анализираме резултатите од пробната фаза. Им благодариме на канадската Премиер-лига и на Канадската фудбалска асоцијација за нивната подготвеност да ја поддржат ФИФА со овој пилот-проект и за обезбедувањето на нивното натпреварување – рече Арсен Венгер, шефот на ФИФА за глобален развој на фудбалот.
Според ревидираниот пристап, напаѓачки фудбалер ќе се смета дека е во офсајд ако барем еден дел од неговото тело што легитимно може да се користи за постигнување гол (не рацете) е во линија со (или зад) претпоследниот одбранбен фудбалер на противничкиот тим. На играчот ќе му биде досуден офсајд само ако има празнина, т.н. „дневна светлина“, помеѓу него и одбранбениот играч. Всушност, напаѓачите мора да бидат целосно пред претпоследниот одбранбен играч за да бидат во офсајд, пишува ФИФА. Со воведување појасен визуелен праг, пробното тестирање има цел да врати поголема напаѓачка предност и да го подобри текот на натпреварите.
Како дел од тестирањето, канадската Премиер-лига ќе го воведе и системот фудбалска видеопомош (ФВП), достапен и економичен систем за видеорепродукција на клучни судиски одлуки. ФВП не користи наменски судии за видеорепродукција и затоа не ги проверува автоматски сите инциденти што го менуваат натпреварот.
Наместо тоа, одговорноста паѓа на тренерите, на кои им е дозволено да поднесат ограничен број барања по меч за преглед на ситуации кога сметаат дека имало јасна и очигледна грешка во случаи што го менуваат натпреварот, како што се гол, пенал, директен црвен картон или погрешен идентитет. Покрај тоа, четвртиот судија го проверува секој гол за евентуален прекршок од напаѓачката екипа во подготовката за голот. За да бараат преглед на спорен момент тренерите ќе бидат обврзани да му дадат картон на четвртиот судија веднаш по соодветната ситуација на теренот, за да се избегнат непотребни одложувања и да се усогласат со правилата на играта, кои не дозволуваат промена на одлуката откако ќе се продолжи со играта, пишува ФИФА. ФВП не е замена за системот за видеопомошник-судија (ВАР), но, сепак, им дава на судиите важна поддршка при донесувањето одлуки. Н.М.































