СКИЈАЧКИ СКОКОВИ – СВЕТСКИ КУП
Светскиот рекордер вчера го додаде трофејот за скијачки летови во СК, на претходно освоените голем кристален глобус во СК, светската титула во скијачки летови, златниот олимписки медал и трофејот на престижната новогодишна турнеја „Четири скокалници“, а тој е и актуелен светски првак во скијачки скокови
Сезоната во скијачки скокови во Светскиот куп (СК) е заокружена со победа на Мариус Линдвик (Норвешка) на натпреварот вчера на Планица (Словенија), негова деветта во СК, пред Домен Превц (Словенија), кој победи во првиот индивидуален натпревар на Планица, во петокот, и Јохан Андре Форфанг (Норвешка).
Светскиот рекордер Превц (лани прескокна 245,5 метри на Планица) доминираше сезонава, освојувајќи сѐ што може да се освои. Така, тој ги освои големиот кристален глобус за вкупна победа во Светскиот куп, титулата на Светското првенство во скијачки летови, олимпискиот златен медал и трофејот на престижната новогодишна турнеја „Четири скокалници“, а вчера го освои и малиот кристален глобус за триумф во скијачки летови во рамките на Светскиот куп. Тој е и актуелен светски првак во скијачки скокови од натпреварот одржан минатата сезона.
Домен Превц сезонава забележа вкупно 14 победи (една помалку од рекордните 15 на неговиот брат Петер Превц од сезоната 2015/2016), во 29-те натпревари оствари 22 пласмани на подиумот (израмнет рекорд со Петер Превц), имаше низа од шест триумфи по ред (израмнет рекорд со уште пет скијачи скокачи)… Н.М.
































