ФОРМУЛА 1 – ТРКА ЗА ГН НА ЈАПОНИЈА

  • Прерано е да се размислува за шампионатот, но на добар пат сме. Имав ужасен старт, само треба да проверам што се случи. Дефинитивно стартовите беа слаба точка годинава и треба да го подобрам тоа, оти лесно можете да победите или да загубите трка со тоа, рече Антонели, пренесе АП

Италијанецот Кими Антонели (19) од Мерцедес ја оствари својата втора победа во низа во Формула 1, во трката за големата награда (ГН) на Јапонија, возена на патеката „Сузука“, пред Австралиецот Оскар Пјастри од Мекларен. Шарл Леклер од Монако со Ферари беше трет, Британецот Џорџ Расел од Мерцедес е на четвртото место, Британецот Ландо Норис од Мекларен беше петти, а шестото место му припадна на неговиот сонародник Луис Хамилтон од Ферари, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Антонели ја забележа својата прва победа во својата кариера пред две недели во Кина, кога стана втор најмлад победник во историјата. Најмладиот е Макс Ферстапен во 2016 година на само 18 години. Италијанецот, исто така, ја освои пол-позицијата во Кина. Антонели има 72 поени по три трки и е најмладиот што некогаш го предводел пласманот на возачи во една сезона.
– Прерано е да се размислува за шампионатот, но на добар пат сме. Имав ужасен старт, само треба да проверам што се случи. Дефинитивно стартовите беа слаба точка годинава и треба да го подобрам тоа, оти лесно можете да победите или да загубите трка со тоа – рече Антонели, пренесе АП.
Расел беше втор во Кина пред две недели и победи на отворањето на сезоната во Австралија, што значи дека Мерцедес има победи во првите три трки годинава, а Антонели има две од нив. Антонели и Мерцедес повторно покажаа дека се најдобри во совладувањето на новата конфигурација на автомобили за годинава, која има поделба 50-50 меѓу моќноста на мотор со внатрешно согорување и моќноста на електричната батерија. Болидите се, исто така, полесни, потесни и пократки од минатата сезона, при што многу возачи се жалат на најрадикалните промени во претходната деценија.
Моментно кај конструкторите води Мерцедес со 135 бода, пред Ферари со 90 и Мекларен со 46. Во Формула 1 сега следува пауза од пет недели, а трките за април во Бахреин и Саудиска Арабија се откажани поради воените конфликти во Иран. Следната трка е на 3 мај, во Мајами (САД). Г.И.


ПЛАСМАН НА ВОЗАЧИ

Кими Антонели (Мерцедес) 72
Џорџ Расел (Мерцедес) 63
Шарл Леклер (Ферари) 49
Луис Хамилтон (Ферари) 41
Ландо Норис (Мекларен) 25