РАКОМЕТ – ГОДИШНО СОБРАНИЕ НА РФМ
- Најголем дел од тие средства, околу 30 милиони денари, ќе бидат наменети за помош на ракометот, рече Ристовски
Ракометната федерација на Македонија (РФМ) го одржа годишното Собрание, на кое присуствуваше и министерот за спорт Борко Ристовски, а на кое беше констатирано дека ракометот останува спорт број еден во Македонија.
Претседателот на РФМ, Александар Стефанов, пред присутните делегати, вкупно 45 од 47 со право на глас, го изнесе сработеното во изминатата година на резултатски и на организациски план, со многу активности, потенцирајќи дека првпат имало пет репрезентации што се натпреварувале во квалификации и на турнири, дека се организирани повеќе од шест ракометни каравани со едукативен карактер, притоа градовите покажале голем интерес, а така ќе се продолжи и годинава, за да се зголеми базата со деца во ракометот. Што се однесува до идните планови, РФМ за 2026/2027 ќе обезбеди спортска опрема (дресови и тренирки) за клубовите што играат во Првата машка и во Првата женска лига.
Стефанов, исто така, предложи парична награда од по 30.000 денари за судиите Марија Илиева, Силвана Карбевска, Славе Николов, Ѓорѓи Начевски, Димитар Митревски и Благојче Тодоровски, кои како арбитри достојно го претставувале македонскиот ракомет на меѓународната сцена.
Првиот човек на РФМ информира и дека традиционалниот турнир „Трофеј Македонија 2026“ за жени ќе се одржи и годинава, во септември, во Охрид, во рамките на неделата на Европската ракометна федерација (ЕХФ), а покрај Македонија, која лани го освои првото место, ќе настапат и квалитетните селекции на Србија, Црна Гора и на Хрватска.
Министерот Ристовски во своето обраќање потенцира дека македонскиот спорт ќе добие 438 милиони денари поддршка од државата.
– По субвенциите од 358 милиони денари, дополнително ќе бидат исплатени уште 80 милиони денари, како директна поддршка за македонскиот спорт. Ја разбирам целокупната ситуација во спортот и затоа Министерството за спорт од сопствени средства обезбеди дополнителни 80 милиони денари за помош на сите спортски колективи. Најголем дел од тие средства, околу 30 милиони денари, ќе бидат наменети за помош на ракометот – рече Ристовски. Г.И.
Еурофарм Пелистер денеска игра со Алборг во Лигата на шампионите за младинци
Екипата на Еурофарм Пелистер за ракометари до 18 години во полуфиналето на Лигата на шампионите (ЛШ) за младинци, кое се одржува во хрватскиот град Пореч, денеска (12 ч.) ќе се сретне со дански Алборг. Во второто полуфинале ќе играат хрватски Загреб и германски Фуксе Берлин (од 14.30 ч.). Победниците на полуфиналните дуели ќе играат меѓу себе, исто така, денеска (19.30 ч.), како и поразените (17 ч.). Победникот на турнирот ќе се пласира на фајналфор-турнирот во Келн (Германија), во јуни годинава. Дел од битолските играчи, генерација 2006 година, и лани настапија во завршницата во Келн, а со тоа имаат и веќе одредено искуство, што може да се покаже и решавачко на вакви значајни и силни турнири. Г.И.
































