Фото: ЕПА

Иран предупреди дека цената на нафтата може значително да порасне, при што барел би можел да достигне и до 200 долари, во услови на зголемени тензии и воени дејствија во регионот.

Оперативната команда на иранската армија Хатам ал-Анбија соопшти дека земјата преминува од политика на „одмазднички удари“ кон стратегија на „континуирани напади“ против своите противници, додавајќи дека САД нема да можат да ги контролираат цените на нафтата во вакви околности.

Хатам ал-Анбија претставува главна оперативна команда на иранските вооружени сили, задолжена за координација на воените операции меѓу редовната армија и Исламска револуционерна гарда, како и за планирање и водење на најголемите воени активности на земјата во време на кризи и конфликти.

Портпаролот на командата, Ебрахим Золфагари, изјави дека Иран нема да дозволи нафта да стигне до САД, Израел и нивните сојузници.

-Нема да дозволиме ниту еден литар нафта да стигне до САД, ционистите и нивните партнери. Секој брод или танкер што плови кон нив ќе биде легитимна цел – изјави Золфагари.

Тој додаде дека нестабилноста во регионот може значително да влијае врз глобалните енергетски пазари.

-Подгответе се цената на барел нафта да достигне 200 долари, бидејќи цената на нафтата директно зависи од регионалната безбедност, која вие ја дестабилизиравте – рече тој.

Во меѓувреме, конфликтот веќе предизвика силни осцилации на светските пазари на енергенси. Во понеделникот цената на нафтата накратко се приближи до 120 долари за барел, што претставува највисоко ниво во последните речиси четири години, пред делумно да се намали подоцна во текот на денот.

Според извештаите, Ормуски теснец, преку кој минува околу една петтина од светската трговија со нафта, е сериозно погоден од актуелните тензии. Техеран практично го запрел товарниот сообраќај низ овој клучен морски премин.

Неколку бродови што минувале низ Персиски Залив и Ормускиот теснец биле погодени од ракети, соопшти United Kingdom Maritime Trade Operations (UKMTO).

Од друга страна, United States Central Command (CENTCOM) соопшти дека американските сили уништиле неколку ирански воени бродови, меѓу кои и 16 пловила наменети за поставување мини во близина на Ормускиот теснец.