Висок раст на реализација на капитални инвестиции од 179,7 отсто е остварен во првите два месеца од оваа година. Во согласност со податоците за реализација на буџетот заклучно со 27 февруари, во првите два месеца од 2026 година реализирани се вкупно 8,1 милијарди денари, што претставува раст од 179,7 отсто, или во апсолутен износ во двата месеца од оваа година, во споредба со двата месеца од 2025 година, има повисока реализација на капитални инвестиции во износ од 5,2 милијарда денари – информираат од Министерството за финансии (МФ), пренесува МИА.
Како што нагласуваат, во буџетот за 2026 година капиталните расходи се проектирани на износ од 40,1 милијарди денари. Планирани се реализација на инфраструктурни проекти, енергетски, капитални проекти од областа на сообраќајот, комунална и локална инфраструктура за подобрување на условите за живеење на граѓаните. Исто така, со буџетот е планиран износ од 2,1 милијарди денари за реализација на капитални проекти во општините.
– Од планираните 40,1 милијарда денари, во првите два месеца реализирани се 8,1 милијарди денари или 20,12 отсто од предвиденото. Имено, реализацијата на буџетот во првите два месеца од годината е во согласност со планираното – соопшти Министерството за финансии.
































