Австрискиот одбор за алпска безбедност соопшти дека досега оваа зима во земјата загинале 26 лица во лавини, бројка која е значително над долгорочниот просек.
Особено критичен бил периодот меѓу 15 и 24 февруари, кога животите ги загубиле 14 лица, пренесе ДПА.
– Иако редовно се издаваат предупредувања за условите и ризикот од лавини, кај дел од луѓето се забележува недоволно управување со личниот ризик – наведува агенцијата.
По почеток на зимата со малку снег, опасноста од лавини нагло се зголемила во последните недели и останува висока во Тирол и Форарлберг. Властите апелираат на максимална претпазливост за движење надвор од обезбедените патеки.
Дополнителен проблем претставуваат и трошоците за спасувачките операции. Во Австрија, услугите на воздушното спасување, планинските тимови и алпската полиција најчесто се наплатуваат. Ангажман на спасувачки хеликоптер, на пример, во просек чини меѓу 5.000 и 6.000 евра за мисија од околу 40 минути.

































