Фото: ТАВ Македонија

Меѓународниот Аеродром Скопје, управуван од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на Групацијата АДП, и оваа година ја доби престижната награда за квалитет на аеродромските услуги (ASQ) за 2025 година во категоријата „Најпријатно аеродромско искуство во Европа“, што ја доделува Меѓународниот совет на аеродроми (ACI).

Ова е 11-то признание за скопскиот аеродром, кое целосно се базира на повратните информации од патниците што ја пополнуваат ASQ анкетата додека чекаат да се качат во авион. Преку анкетата се мерат клучни индикатори како ефикасноста на чекирањето, безбедносната проверка, снаоѓањето низ аеродромот и целокупната леснотија при движење низ терминалот.

Од ТАВ Македонија посочуваат дека континуираното меѓународно признание е доказ за посветеноста на вработените кон квалитетот на услугите, грижата за патниците и постојаното унапредување на стандардите.

Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, истакна дека наградата претставува значајно достигнување за компанијата и за аеродромот.

Фото: ТАВ Македонија

– Добивањето на наградата за квалитет на аеродромските услуги за патничко искуство за 2025 година, во категоријата ‘Најпријатно аеродромско искуство во Европа’ од Меѓународниот совет на аеродроми е значајно достигнување за Меѓународниот Аеродром Скопје и ТАВ Македонија. Признанието по 11-ти пат ја покажува конзистентноста на нашата оперативна извонредност и нашата постојана посветеност на квалитетни аеродромски услуги – изјави Курт.

Тој додаде дека во 2025 година аеродромот услужил рекордни над три милиони патници, што го прави успехот уште позначаен.

– Оваа награда, целосно заснована врз повратните информации од патниците преку програмата за квалитет на аеродромските услуги, го потврдува нашиот стратешки фокус на ефикасност, сигурност и патничко искуство. Изразувам искрена благодарност на сите вработени, партнери и патници на Меѓународниот Аеродром Скопје. Во ТАВ Македонија, ние остануваме целосно посветени на обезбедување беспрекорно, висококвалитетно патување и континуирано подобрување на нашата работа – нагласи Курт.

Генералниот директор на АЦИ Ворлд (ACI World), Џастин Ербачи, посочи дека признанието ја потврдува континуираната посветеност на аеродромот кон патниците.

– Добивањето на ASQ наградата за квалитет на аеродромските услуги од ACI ја потврдува континуираната посветеност на Меѓународниот Aеродром Скопје да ги слуша своите патници. Ова признание ја одразува вашата заложба за постојано унапредување и обезбедување исклучително патничко искуство за сите патници – изјави Ербачи.

Меѓународниот Аеродром Скопје се натпреварува во ASQ панелот на 20 европски аеродроми со годишен промет од 2 до 5 милиони патници. Во оваа категорија се и аеродроми од Италија, Шпанија, Португалија, Норвешка, Естонија, како и аеродромите во Загреб и Тбилиси, кои исто така се управувани од ТАВ Аеродроми.

Фото: ТАВ Македонија

Претходно, скопскиот аеродром ја има добиено ASQ наградата за 2012, 2013, 2015 и 2018 година во категоријата до 2 милиони патници, а од 2019 до 2024 година во категоријата од 2 до 5 милиони патници, поради континуираниот пораст на бројот на патници.