Poplavi Francija
Фото: ЕПА

Западниот и југозападниот дел од Франција се погодени од поплави предизвикани од бурата Нилс и зголемувањето на нивото на водата на многу реки, а ситуацијата е алармантна и во Жиронда, каде што полињата, шумите, патиштата и куќите се под каллива вода што се излеала од коритото на реката Гарона, јавуваат француските медиуми.

– Веќе неколку дена, западниот дел од Франција е погоден од бурата, и покрај смирувањето на бурата, француската служба за следење на нивото на водата, Виџикри, продолжува да го одржува нивото на тревога во сите департмани кои се изложени на ризик од поплави – објавува БФМ.

Градоначалникот на Ланжон, во Жиронда, Жером Гилем, изјави за БФМ дека околу стотина луѓе се евакуирани и дека околу 150 куќи се под вода, а некои луѓе сè уште се внатре.

Обилните дождови го претворија регионот во огромно езеро, со цркви кои личат на острови опкружени со вода, додека околу 110.000 хектари се поплавени, според француската телевизија, која објави и снимки од поплавените подрачја.

Реката Гарона, која е на максимално ниво на тревога веќе шести ден, се излеа на некои места во ширина од неколку стотици метри помеѓу северниот дел на Ажен и јужниот дел на Бордо.

Во исто време, ненадејното зголемување на нивото на водата на реката Лоара предизвика големи поплави денеска во областа околу францускиот град Анже, додека највисокото ниво на тревога, „црвено“ сè уште е на сила за три француски департмани, а властите ги повикуваат граѓаните да не ги користат поплавените патишта и да го ограничат движењето во ризичните области.

Службата за мониторинг на водите „Виџикри“ соопшти дека се очекува нивото на водата дополнително да се зголеми утре.

– Франција доживува 34 последователни дена дожд, „невидена ситуација – изјави денеска Моник Барби, министерката за еколошка транзиција, додавајќи дека сè додека водата не се повлече, не е можно да се процени обемот на штетата.