Минатата година Македонија има суфицит во трговската размена со соседна Албанија, забележувајќи извоз за 24 отсто поголем споредено со претходната година. Албанија, го губи теренот во трговијата со Македонија, која е важен регионален партнер. Во 2025 година, извозот од Албанија во Македонија нагло се намалил на 8,99 милијарди леки, од 11,8 милијарди леки во 2024 година, што претставува годишен пад од речиси 24 отсто. Ова е најостриот пад на извозот на овој пазар во последните пет години, објави „Монитор“.
Според истиот извор, кој се повикува на податоци на државниот Институт за статистика, ИНСТАТ, најголем пад во извозот за Македонија е забележан кај групата „градежни материјали и метали“, со речиси 3 милијарди леки помалку или 65 отсто, претворајќи го овој пазар од извор на суфицит во нето дефицит за Албанија.
Втората најпогодена група е извозот на минерали и енергија, кој се намалил за 8 отсто. Во меѓувреме, увозот од Македонија во Албанија се зголемил за 16,7 проценти, достигнувајќи 14 милијарди леки во 2025 година, од 12,06 милијарди леки претходната година.
-Растот на увозот е уште посилен и поширок со Македонија. Увозот на минерали и енергија се зголеми за над 2,4 милијарди леки, или 128 отсто повеќе, станувајќи главен извор на раст на трговијата со оваа земја. Увозот на храна, исто така, се зголемил за 7 проценти, машинерија и опрема за 42 проценти, додека текстилот и дрвените производи забележаа значителен раст, наведува весникот. Само градежните материјали претрпеле пад, со над 1,1 милијарда леки помалку увоз, но ова не го компензира силното зголемување на увозот кај другите групи стоки. Ова значи дека Албанија е сè повеќе зависна од Северна Македонија за снабдување со енергија и индустриски стоки – пишува весникот.
Во 2022 и 2023 година, стои во објавата, Албанија имаше водство во трговијата со Македонија, но ја изгуби оваа предност во следните две години. Трговскиот биланс значително се влоши. Од релативно умерен дефицит од 261 милион леки во 2024 година, Албанија се префрли на длабок дефицит од 5,09 милијарди леки во 2025 година, што претставува влошување од над 4,8 милијарди леки за една година. Овој пресврт го одразува брзиот пад на конкурентноста на албанскиот извоз во соседната земја, додека стоките од Македонија добиваат место на албанскиот пазар.
Суфицит во трговската размена Албанија забележала и со Србија, Косово и БиХ. Единствено Црна Гора во 2025 година останала единствениот соседен партнер каде Албанија успеа да одржи релативно стабилна позиција.






























