Фото: Влада

Протестите на ССМ имаат политичка заднина, инструирана, мотивирана и инспирирана од опозицијата, а Слободан Трендафилов е само прокси. Тоа јавноста деновиве ќе го види од она што ние го поседуваме затоа што заслужува да знае кои се лицата што ги блокираат улиците и каква врска имаат со лидерите на политичките партии, ќе види дека се истакнати партиски активисти – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Според него, опозицијата нашла застапник во синдикалниот лидер Слободан Трендафилов за да нема партизација на барањата за зголемување на палтите.

– Тоа е легитимно ако мислат дека така ќе ѝ нанесат штета на Владата, ние ќе се бориме со тоа за да го докажеме спротивното и дека тоа не е така. Она што Владата може да го направи е да ги искористи законските механизми и сега платите ќе бидат нивелирани, односно ќе биде покачена минималната плата во согласност со законот, а како работодавач Владата се договори со своите колеги и речиси со 99 отсто од вработените, кои се наши колеги, ние имаме колективни договори до 2028 година – рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето камен-темелник на училишна спортска сала во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Влае.

Како што рече, еден од колегите на Слободан Трендафилов пред неколку дена на прес-конференција со него во Владата бил видно задоволен и рекол дека постигнале историски договор, а два дена подоцна се солидаризирал со Трендафилов „и повторно ги малтретира граѓаните на Скопје мислејќи дека ако преку ССМ ги претстават политичките барања на опозицијата, ќе добијат симпатии кај граѓаните“.

– Мислам дека стратегијата им е неуспешна. Барањата се во рамките на институциите, за тоа постои Економско-социјален совет, затоа постои бипартитен дијалог и постојат разговори. Ние сме подготвени да преговааме, да седнеме и да разговараме за истечениот од важност Општ колективен договор и да постигнеме конечно решение – додаде претседателот на Владата.

Прашан за коментар во врска со реакцијата на Трендафилов, кој вчера од МВР и од Обвинителството бараше да постапат против Дафина Стојановска, а од Собранието да ѝ го одземе пратеничкиот имунитет затоа што објавила снимка од неговите малолетни деца, Мицкоски одговори дека претседателот на ССМ треба да ѝ се извини на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ за навредите и да се навикне дека како јавна личност е подложен на јавна критика.

– Го видов она што го кажа и видов премногу нервозен човек, кој истури салва навреди. Како јавна личност треба да се навикне на јавна критика. Го видов неговото бледо оправдување дека бил службено и затоа го користел службеното возило итн., а уште повеќе сум загрижен од нивото на култура на еден човек кој вчера ја испушти шансата да биде над ситуацијата и како загрижен родител, како што се обидуваше да се претстави, барем речникот да му беше попристоен зашто, сепак, станува збор за жена и мајка. На тоа видео никој не ги покажува малолетните деца на господинот Трендафилов. Напротив, јас колку што можев да видам, многу е внимавано на тоа, но мораше г. Трендафилов да биде покултурен и за сите навреди што ги кажа, во најмала рака пратеничката Дафина Стојановска денеска заслужува да добие извинување од него – рече Мицкоски.